Песков: Русија го осудува убиството на иранските лидери

Макфакс

18/03/2026

12:41

182

Големина на фонт

а а а

Кремљ го осуди „убиството и елиминацијата“ на иранските лидери во воздушните напади на САД и Израел, еден ден откако иранскаta новинска агенција „Фарс“ потврди дека Али Лариџани, советник на покојниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е убиен во Техеран.

„Недвосмислено ги осудуваме сите дејствија насочени кон оштетување на здравјето или дури и убивање или елиминација на членови на раководството на суверен и независен Иран, како и раководството на други земји. Ги осудуваме ваквите дејствија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите кога беше прашан за смртта на Лариџани, пренесуваат медиумите.

Русија, која ја изгради и помага во работењето на единствената нуклеарна централа во Иран, остро ги критикуваше воздушните напади на САД и Израел врз Иран. Москва повика на прекин на огнот и преговори.

Песков: Се шират лажни вести за улогата на Русија во Иран

„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на информирани извори, во вторникот објави дека Русија ја проширува размената на разузнавачки информации и воената соработка со Техеран, обезбедувајќи сателитски снимки и напредна технологија за беспилотни летала за да му помогне на Иран да ги таргетира американските сили во регионот.

Песков сугерираше дека станува збор за лажни вести. „Како што знаете, сега циркулираат многу различни извештаи за оваа војна. Огромното мнозинство не се ништо повеќе од дезинформации, па затоа не сметаме дека е потребно да коментираме за секоја од нив“, рече Песков.

„Сепак, официјалните претставници на Соединетите Американски Држави дадоа изјава за ова прашање, велејќи дека немаат никакви информации за темата“, додаде портпаролот на Кремљ.