Министерството за одбрана: Предвидени се 12 милиони евра за обнова на касарните

Макфакс

17/03/2026

13:57

164

Големина на фонт

а а а

Министерството за одбрана реагираше на написите и обвинувањата за несоодветни услови во Армијата, наведувајќи дека станува збор за информирање на јавноста, а не за ПР кампања.

Оттаму велат дека се целосно транспарентни и дека редовно информираат за активностите, на кои се поканети сите медиуми.

Министерството признава дека дел од армиската инфраструктура не е на највисоко ниво, посочувајќи дека во одредени објекти не се инвестирало не 35, туку и повеќе од 50 години. Според нив, во моментов се вложуваат рекордни средства за реконструкција на овие објекти.

„Согласно приоритетите кои произлегуваат од Армијата во континуитет се работи на подобрување на објектите, на извршување на градежни активности и во другите касарни кои опфаќаат изработка на: проектно техничка документација, изградба, поправки, реновирање и реконструкции, оспособување, адаптации на објекти, како за сместување, работа, така и објекти наменети за чување и одржување на опремата која се набавува“, велат од министерството.

Се додава и дека се работи на подобрување на енергетската ефикасност, замена на водоводната и електричната мрежа, грејните системи, кровните конструкции и противпожарната заштита.

За 2026 и 2027 година се предвидени околу 12 милиони евра за вакви зафати во касарните низ државата.

Од Министерството додаваат дека се пласираат нецелосни информации кои ја извртуваат сликата за нивната посветеност, и посочуваат дека против лицето кое ги изнесува обвинувањата се поднесени кривични пријави за повеќе дела.