Во близина на селото Мојанци кај Кочани синоќа избувнал пожар во објект во состав на Пречистителната станица, сопственост на „ЈП Водовод“ од овој град.
Интервенирала Територијалната противпожарна единица Кочани и пожарот бил изгаснат.
„Лицето В.И. (56) од село Мојанци, кој го пријавил пожарот, бил на своето работно место како чувар и при обид да го изгасне пожарот со ПП апарат, заедно со двајца соселани, вдишале чад, при што од Итната медицинска помош им била укажана лекарска помош“, соопшти СВР Штип.
Пожарот, според информациите од терен, избувнал околу 20:30 часот. Во интервенцијата учествувале четири противпожарни возила со осум пожарникари, како и едно возило од Доброволното противпожарно друштво Кочани.
Од противпожарната служба велат дека бил зафатен дел од системот за прочистување на метанот, но опасноста била брзо отстранета и објектот продолжил да работи.
Поради присуството на метан постоел ризик од поголем инцидент, но, според информациите од терен, пожарникарите успеале навреме да го спречат ширењето на огнот.
За настанот бил известен и јавен обвинител и инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување Кочани. увид ќе се врши во текот на денешниот ден.








