Во интервју за магазинот „AnOther“, објавено на 19 февруари, Шарлиз Терон, која денес има 50 години, раскажала дека во текот на кариерата се соочувала со ситуации на снимања и со одредени режисери „кои денес едноставно не би можеле да поминат неказнето“.
Зборувајќи за периодот кога работела како модел, открила дека еден фотограф на снимање викал по неа и вербално ја малтретирал дури 15 часа.
„Неодамна им раскажував на ќерките за една работа што ја работев. Се сеќавам дека фотографот викаше по мене и ме навредуваше петнаесет часа за време на снимањето. Во еден момент престанав да се чувствувам како човечко суштество“ изјавила актерката.

Исто така истакнала дека слични ситуации, за жал, сè уште се случуваат.
„Неодамна работев со фотограф кој агресивно ми се приближуваше и ги ставаше рацете врз мене додека ми ја местеше кошулата. Морав да реагирам“ нагласила Терон не сакајќи да открива имиња.
Четири чекори напред, дваесет назад
Оскаровката зборувала и за промените во индустријата во текот на трите децении кариера.
„Тоа е она што е најфрустрирачко за жените – четири чекори напред, па дваесет назад. Сепак, поминавме долг пат од моментот кога јас почнував. Тогаш мораше сам да се пробиваш. А единствениот начин да успееш беше да бидеш трофеј, секси девојка“ искрено рекла Шарлиз.

Таа додала дека алтернативата била да се врати во родната Јужна Африка.
„Моите родители имаа фирма за изградба на патишта. Дали навистина сакав со тоа да се занимавам? Бев решена да работам нешто во уметноста. За мене клучното прашање беше како да изградам кариера што ќе трае“, истакнала актерката.
Непријатна аудиција во Лос Анџелес
Терон претходно се присетила и на непријатен инцидент од својата прва аудиција, кога имала 18 или 19 години.
За време на гостување во една емисија во 2019 година, таа раскажала дека агентот ѝ рекол да оди во куќата на еден продуцент во Лос Анџелес, во сабота во 21 часот. Кога пристигнала, продуцентот ја пречекал бос, во пижами.

„Требаше да се свртам и да заминам. Не го направив тоа. Имаше огромно его и беше многу задоволен од себе“ изјавила актерката, додавајќи дека во заднина свирела тивка музика.
Продуцентот седнал многу блиску до неа, што ѝ било чудно, а ѝ пречело и тоа што пиел. „Имав чувство дека нешто не е во ред“ признала таа.
Раскажала и дека се обидувала да чита делови од сценариото, но продуцентот одбивал, велејќи дека сака само „да разговараат“. Во еден момент ѝ ја ставил раката на коленото.
„Тогаш само си помислив: „Уф.“ Тоа е лудо, но девојките често зборуваат за тоа – во тој момент како да се замрзнуваш. Не знаеш што да направиш“ рекла таа.

Актерката набргу станала и заминала, но признала дека била лута на себе што тогаш ништо не му рекла.
„Бев бесна. Се прашував зошто не му реков да оди по ѓаволите. Тоа многу ме налути“, признала Терон.
Осум години подоцна, истиот човек ѝ понудил работа.
„Отидов само за да го доживеам мојот момент. Тој рече: „Мило ми е“, а јас одговорив: „Не, веќе се имаме запознаено.“ Не се сеќаваше на ништо. Му набројав сè – сабота во 21 часот, вашата куќа, пижамата – а тој рече: „Не се сеќавам на тоа“, раскажала Терон.
















