[ВИДЕО] Потресно сведоштво на 85-годишна баба Росанка од Челопек: „Ми фрли ќебе преку глава и ме фати за гуша“

Нетпрес

21/02/2026

16:31

791

Големина на фонт

а а а

Додека надлежните органи истражуваат дали во Кумановско има сериски убиец, 85-годишната Росанка од кумановското село Челопек за телевизијата Сител сведочеше како била нападната и давена од непознато лице во нејзиниот дом.

Нападот врз жената се случил минатиот понеделник околу 14 часот. Непознато лице влегло во куќата и без да каже збор почнало да ја дави.

– Ми фрли ќебе преку глава. Си велам, кој е овој, не збори ништо, само почна да ме удира. Прво ме фати за гуша, силно, за да не можам да викам. Ме удираше по глава, и ме давеше долго – раскажува Росанка за Сител, истовремено покажувајќи ги повредите на лицето.

Според нејзиното сведоштво, во одреден момент се слушнале некакви звуци надвор, по што му паднал телефонот, тој престанал да ја дави и избегал.

– Дојдов малку до здив и си велам, Боже, која е оваа будала? 85 години имам, што сака од мене – рече жената.

Нападот врз Росанка се случил неколку дена пред во истото село да биде пронајдено телото на убиена 78-годишна жена со иницијали М.С. За убиството е осомничен 25-годишник од селото Драгоманце во Општина Старо Нагоричане. Таа живееала сама во куќа покрај главниот пат во селото, но за истрагата сѐ уште е нејасно кога точно 25-годишникот го извршил чинот. Според обвинителството, настанот се случил во перидот од 27 јануари до 12 февруари. Токму, во тој временски интервал, на помалку од 500 метри, нападната била и другата жена, Росанка.

Според соседите, истиот ден лицето било забележано во близина на нивниот дом, а подоцна и во близина на куќата во која е пронајдена мртва 78 годишната жена.

Од обвинителството се сомневаат дека 25 годишниот е можен сторител и на други убиства, па се проверуваат причини за смртта и на други жени од Старо Нагоричане. Направена е ексхумација на жена од околу 40 години која била почината пред околу еден месец. Обдукцијата е завршена во институтот за судска медицина, а се чекаат резултатите од ДНК анализата кои треба да откријат дали и таа жена била жртва на 25 годишникот.

Траги од осомничениот 25 годишник биле барани и кај постарата жена која го преживеала нападот. Извештајот од обдукцијата ќе се споредува со резултатите од ексхумираната жена, како и со трагите пронајдени во домот на починатата. Сите овие докази треба да откријат дали зад решетки е ставен сериски убиец.

– Осомничениот веднаш е лишен од слобода и од страна на јавниот обвинител му е определен притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од страна на тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје – изјавија од Обвинителството.