Љубителите на популарната серија „Дамски гамбит“ од 2020 ќе ги израдува веста дека Нетфликс штотуку објави нов документарец што сигурно ќе ги воодушеви.
Филмот „Queen of Chess“ („Кралица на шахот“) ја раскажува приказната за вистинската шаховска шампионка и некогашно чудо од дете, Јудит Полгар, следејќи го нејзиниот пат до титулата велемајсторка во свет во кој доминирале мажи, пишува „Express.co.uk“.
Необично детство на шаховската генијалка
Слично како во „Дамскиот гамбит“, новиот документарец на Нетфликс ги истражува формативните години на унгарската велемајсторка. Полгар, заедно со сестрите Сузан и Софија, тренирала уште од својата петта година за да стигне до самиот врв на овој спорт. Филмот детално го прикажува нејзиното исклучително и неконвенционално детство, кое целосно го обликувале нејзините родители.
Нејзиниот татко Ласло, образовен психолог, спровел своевиден експеримент со своите ќерки за да ја докаже тезата дека „генијалците се создаваат, а не се раѓаат“. Им наметнал интензивен режим на шаховски тренинг кој вклучувал учење и играње по осум до девет часа дневно, секој ден во неделата.
Историски меч против Каспаров
Документарецот детално го обработува и историскиот шаховски меч од 1994 година меѓу Полгар и рускиот велемајстор Гари Каспаров. Таа средба била прва можност на светско ниво највисоко рангираната шахистка во светот да се соочи со својот машки колега на врвот на листата.
Првите реакции на критичарите
Филмот премиерно бил прикажан во јануари на фестивалот „Санденс“, а од денес, 6 февруари е глобално достапен на Нетфликс. „Queen of Chess“ веќе добил позитивни критики, а еден гледач на „IMDb“ му дал оцена 9/10.
„Нема да ја прераскажувам приказната што е одлично раскажана во документарецот, но ќе кажам дека е раскажана на промислен начин, со добра рамнотежа меѓу нарацијата и личните перспективи – што е одлика на добар документарец“, напишал еден рецензент.

Тој го пофалил воведниот дел како „речиси совршен“ во прикажувањето на нејзината историја и успеси, додека монтажата ја опишал како „фантастична енергија“ која го одржува замавот на приказната. „Нејзините достигнувања не можат да се занемарат и мило ми е што овој документарец им оддаде признание. Сигурно ќе го погледнам повторно кога ќе пристигне на Нетфликс“, заклучил тој.
„The Guardian“ на филмот му даде оценка 3/5, опишувајќи го како „рапсодичен приказ на животот на најголемата шахистка на сите времиња“. Сепак, нивниот критичар смета дека на продукцијата ѝ недостигала длабочина, забележувајќи „упорно чувство дека во приказната за Полгар има уште нешто“.

Порталот „RogerEbert.com“ го оценил филмот со 3/4 ѕвездички. Иако рецензентот исто така посакувал дополнителна сложеност, истакнал дека филмот „ѝ оддава признание на шампионката, потсетувајќи нè дека секогаш можете да си донесете свое столче на масата на оние што ги поставуваат правилата“.
Гледачите воодушевени
Трејлерот на Нетфликс за документарецот исто така предизвикал воодушевување кај публиката. „Кралица на шахот“ е синоним за Јудит Полгар“, напишал еден корисник на Јутјуб. „И пред да го пуштам видеото, по насловната слика знаев дека документарецот ќе биде за неа. Една од најголемите спортски личности на сите времиња“, додал друг.

И останатите гледачи се согласиле. „Едвај чекам да го гледам ова! Наставникот по шах ми зборуваше за сестрите Полгар“, „Јудит и нејзините сестри се голема инспирација затоа што ги урнаа бариерите во спорт во кој доминираат мажи“, „Вистински „Дамски гамбит“ и „Фала му на Нетфликс што ја прикажа животната приказна на една од најневеројатните спортистки во историјата на човештвото!“, се само дел од коментарите.
Моменталната оценка на документарецот на „IMDb“ е 8,2/10.
„Queen of Chess“ е достапен за гледање на Нетфликс.















