Неверојатни тврдења овие денови доаѓаат од Русија во врска со работата и подготовките на фудбалскиот клуб Сочи за првенствените натпревари.
Поранешниот заменик генерален директор на Сочи, Андреј Орлов, изјави дека поранешниот главен тренер на клубот, Роберт Морено (48), во работата користел „ChatGPT“.
Морено го водеше рускиот тим од 2024 до 2025 година и испадна од лигата. Во моментов, под водство на Игор Осинкин, Сочи е на последното, 16-то место на првенствената табела, пренесува „championat.com“.
Орлов го опиша Морено како тренер кој не прифаќал туѓи мислења.

„Морено воопшто не ги уважуваше помошниците и играчите – луѓето тоа го чувствуваа. Помошниците беа само извршители, никогаш не можеле да го бранат својот став“, рече Орлов. Тој додаде дека Морено бил нефлексибилен и дека, и покрај лошите резултати, не ја менувал стратегијата на игра.
„Во кризата се покажа дека Морено е – фан на ‘ChatGPT’“, истакна Орлов.
Еден од примерите што Орлов го наведе е подготовката за гостувањето во Хабаровск. „Роберт рече: ‘Сè смислив. Ги внесов сите параметри на гостувањето во ‘ChatGPT’. Треба да допатуваме на денот на натпреварот. Во Сочи ќе тренираме еден час порано, а два дена пред заминувањето ќе почнеме да тренираме во седум часот наутро’“, раскажа Орлов.
Откако ја прегледал презентацијата, Орлов сфатил дека според тој план играчите би останале будни 28 часа. „Прашав: ‘Роберт, сè е супер, но кога момците ќе спијат?’. Морено внесе нови параметри, презентацијата се ажурираше, и на крајот се држевме до распоредот што го состави ‘ChatGPT’“.

Одбирање играчи според анализа на вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција била користена и при изборот на играчи. Минатото лето клубот барал напаѓач, а во изборот биле Владимир Писарски, Павел Мељошин и Артур Шушеначев. „Морено ги внесе податоците за Писарски, Мељошин и Шушеначев од „Wyscout“ на ‘ChatGPT’. Според него, најдобар беше Шушеначев“, изјави Орлов.
На прашањето дали му се чинел таквиот пристап апсурден, Орлов објасни дека користењето дополнителни алатки само по себе не е проблематично. „Дополнителна алатка – зошто да не? Но, за Морено, ‘ChatGPT’ во еден момент стана еден од главните алатки“, заклучи Орлов.
За потсетување, Морено е поранешен шпански селектор и го водеше и Монако. Како тренер се градел во академијата на Барселона и работел како помошник во првиот тим. Покрај тоа, работеше како помошен тренер во Селта Виго и Рома, како и главен тренер во Гранада. Никаде особено успешно.









