Мадридското дерби меѓу Реал и Атлетико не може да мине без фудбалски перипетии на теренот, а вчера во прв план се најдоа Диего Симеоне и Винисиус Жуниор, актери кои имаат неколку вербални дуели крај аут линијата.
Чоло не остана рамнодушен на провокациите на бразилскиот фудбалер и му испрати жестока порака дека ќе биде шутнат од Флорентино Перез во првиот дел, но ситуацијата ескалираше во моментите кога Бразилецот излегуваше од игра.
Тренерот на Атлетико му се потсмеваше на Вини поради тоа што добива свирежи од трибините и јасно сигнализираше да ја чуе реакцијата на фановите, потег кој го активираше и Чаби Алонсо.
Тренерот на Реал застана во одбрана на Винисиус и имаше забелешки за однесувањето на својот колега, а тоа го потенцираше и на прес-конференцијата по победата од 2:1.
Реал Мадрид ќе игра во Суперкуп финалето против Барселона, но топ тема по второто полуфинале беше препираката меѓу Чоло и Вини.
– Не ми се допадна моментот меѓу Симеоне и Винисиус. Чоло му кажа нешто, а таквите работи се спротивни на духот на оваа игра. Не ми се допаѓа кога им се обраќате на фудбалски колеги на таков начин, не може да се толерираат сите работи на теренот.
– Јас секогаш се обидувам да ги почитувам играчите од противничкиот тим, никогаш не им зборувам. Кога видов што рекол Симеоне, ситуацијата уште толку не ми се допаѓа. Тоа не е пример за добар спортски дух….. Не може да се прифатат такви работи, мора да се покаже почит кон ривалот. Се што се случува на теренот, останува таму, но мора да се има граници, – изјави Чаби.







