Првите единаесет жртви од катастрофалниот пожар во швајцарскиот ски-центар Кран Монтана, во кој загинаа вкупно 40 лица, се идентификувани, соопшти локалната полиција. Младиот Стивен Ивановски (16), по кој се трагаше по пожарот во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана е идентификуван како загинат.
Меѓу идентификуваните се осум млади лица на возраст меѓу 16 и 24 години кои живееле во Швајцарија. Италијанските медиуми јавија дека меѓу загинатите има и тројца италијански државјани.
Во меѓувреме, роднините на другите исчезнати лица продолжуваат да чекаат информации за нивната судбина. Некои од повредените исто така сè уште не се идентификувани. Многу од повредените имаат тешки изгореници и се лекуваат во специјализирани медицински центри. Според Федералната служба за цивилна заштита и помош при катастрофи на Германија, земјата примила вкупно единаесет тешко повредени лица од Швајцарија на лекување. Засега не се планирани нови трансфери, соопшти канцеларијата.
Гвидо Бертоласо, одговорниот за здравство на италијанскиот регион Ломбардија, изјави дека идентификувањето на некои од повредените е тешко поради нивните тешки повреди.
– Нивните лица се целосно преврзани. Не можеме да ги отстраниме завоите за да ги идентификуваме. Тие се интубирани и не можат да зборуваат, рече тој.
Во центарот на Кран Монтана, луѓето продолжуваат да се собираат во близина на местото на трагедијата, оставајќи цвеќе, писма, свеќи и плишани играчки во спомен на загинатите. Швајцарскиот министер за правда Беат Јанс, кој го посети местото на настанот, го опиша она што се случило како „незамислива трагедија“ и нагласи дека властите ќе сторат сè што е потребно за да се разјасни одговорноста за инцидентот.
Истражните органи соопштија дека против сопствениците на барот се води истрага под сомнение за предизвикување смрт од небрежност, телесни повреди од небрежност и ненамерно палење. Според прелиминарните податоци, пожарот на новогодишната ноќ веројатно бил предизвикан од прскалки поставени на шишиња шампањ од кои се запалил таванот на просторијата.
Швајцарија прогласи национален ден на жалост за 9 јануари. Во 14:00 часот ќе се огласат сите црковни ѕвона во земјата, а планирана е и минута молчење. Доцна синоќа во црквата во Кран Монтана се одржа комеморативна служба со учество на луѓе од сите возрасти. За денес по службата е закажан тивок марш до барот „Констелејшн“












