Длабоко под Арктикот откриле чудесни суштества: „Живеат во екстремно тешки услови“

Точка

29/12/2025

13:45

625

Големина на фонт

а а а

Истражувачите открија резервоар на природен гас во ледена структура на океанското дно западно од Гренланд, кој би можел да биде најдлабокиот познат студен извор на гасни хидрати (клатрати) во светот, а воедно претставува и живеалиште на разновиден животински свет.

Во студија објавена на 17 декември во списанието „Nature Communications“, истражувачи од „UiT Arctic University of Norway“ и нивните партнери ги опишаа гасно-хидратните хумки „Фреја“, откриени за време на експедицијата „Ocean Census Arctic Deep EXTREME24“.

Забележливи столбови гас во водениот столб укажале на необична активност под бродот, што ги поттикнало научниците да испратат далечински управуван подводен робот (ROV) за истражување. За време на мисијата биле собрани примероци од истекување на метан, сурова нафта и седимент, во кој биле забележани бројни организми.


Целосна темнина, висок притисок, ниски температури

„Ова откритие ги препишува правилата за екосистемите во длабокиот Арктик и за јаглеродниот циклус“, објаснува ко-раководителката на експедицијата, Џулијана Паниери, и додава: „Пронајдовме ултрадлабок систем кој е и геолошки динамичен и биолошки богат, со импликации за биодиверзитетот, климатските процеси и идното управување со далечниот север.“

Животните што ги населуваат хумките „Фреја“ се хранат со хемосинтетски микроорганизми кои ги претвораат хемикалиите како метан, сулфиди и други јаглеводороди во биолошка енергија. Токму тие хемикалии излегуваат од океанското дно во ова подрачје, на длабочина од 3.640 метри под површината на Гренландското Море. Гасните хидрати — мешавина од метан и вода во кристална форма — овозможуваат живот во услови на целосна темнина, висок притисок и ниски температури.

Речиси една петтина од светскиот метан се наоѓа во форма на гасни хидрати, заробени во длабоките морски седименти. Откривањето на хумките „Фреја“ на длабочина поголема од 3,5 километри е исклучително значајно, бидејќи ваквите извори досега главно биле забележувани на длабочини помали од 2.000 метри.


Необични суштества

Меѓу организмите присутни на хумките „Фреја“ се прстенести црви од семејствата "Siboglinidae" и "Maldanidae", полжави од семејствата "Skeneidae" и "Rissoidae", како и повисоки ракови — амфиподи од семејството "Melitidae". Структурата на овој екосистем, на ниво на семејства, е слична на арктичките хидротермални отвори на слични длабочини. Хемиските соединенија пронајдени во седиментот укажуваат дека нафтата и гасот потекнуваат од растенија што растеле во топлите шуми на Гренланд за време на миоценот, пред 23 до 5,3 милиони години.

„И покрај значителниот напредок во разбирањето на распределбата и концентрацијата на гасните хидрати, голем предизвик останува проценката на хидратите како енергетски ресурс и нивната улога во глобалните климатски промени“, пишуваат авторите на студијата. Длабинското рударење на океаните досега главно се фокусирало на полиметалните нодули, но влијанието на ваквото искористување врз чувствителните екосистеми на длабокото море сè уште не е познато.

Морскиот еколог Џон Копли од Универзитетот во Саутемптон и член на експедицијата истакнува: „Веројатно постојат и други многу длабоки студени извори на гасни хидрати слични на хумките ’Фреја‘, а животот што ги опкружува може да биде клучен за биодиверзитетот на длабокиот Арктик. Врските што ги пронајдовме меѓу животот на овој извор и хидротермалните отвори укажуваат дека овие живеалишта, како острови на океанското дно, треба да бидат заштитени од идните влијанија на длабинското рударење.“