„Моите куршуми гo убија Чаушеску: Тој ја пееше социјалистичката химна, а таа врескаше. Кога сè заврши, отидов кај свештеник – она што следеше ме скрши“

Точка

25/12/2025

19:51

975

Големина на фонт

а а а

Судењето и извршувањето на казната беа снимени со видеокамера. Снимката со молскавична брзина го обиколи светот, а романската телевизија ја прикажа неколку дена подоцна. По сè што се случи, проговори човекот кој го повлече кобното чкрапало.

Поранешниот претседател на Романија, Николае Чаушеску, ја извршуваше таа функција од 1965 година па сè до својата смрт во 1989 година, кога беше стрелан.

На Божиќ 1989 година, Ионел Бојеру беше стражар на мелодраматичното формално судење на романскиот диктатор и неговата сопруга. Потоа ги изведе од зградата додека Чаушеску ја пееше „Internacionala“, а неговата помалку прибрана сопруга врескаше „Е*ете се!“. Ги постави пред ѕид и ги покоси со својот калашников.

Сè се случи толку брзо што воениот фотограф кој го снимаше судењето успеа да го фати само последниот рафал и телата што паднаа на земја. Но и тие неколку секунди го обележаа животот на Бојеру.


„И денес сум нервозен кога зборувам за тоа. Прекинав два животи. Војната го прави тоа прифатливо, но многу е потешко кога убиваш невооружени луѓе. Тоа никому не би му го посакал, иако мене убивањето луѓе ми е работа“, вели Бојеру, стегајќи чаша ракија.

Крупниот човек со мустаќи од матната снимка на егзекуцијата денес е полничок дедо кој не жали што токму тој стави конечна точка на тиранијата на Чаушеску и на владеењето на стравот и немаштијата. И неговото семејство било меѓу милионите прогонети.

„Мојот дедо беше свештеник, либерал, и поголем дел од животот го помина во затвор. Тој навистина беше среќен по тие настани, среќен што режимот се промени и што Чаушеску е мртов. Ми рече: ’Не грижи се, јас ги преземам врз себе сите твои гревови‘“, ја продолжува својата исповед Бојеру.


Не беше лесно да се биде еден од најпознатите џелати на минатиот век. Тоа го плати со губење на приватноста и со распад на бракот со жената на која ѝ пречеше таа мрачна слава. Бојеру верува дека токму неговите куршуми го убија парот Чаушеску, затоа што кога почнал да пука, видел дека еден од тројцата членови на стрелачкиот вод се скаменил на неколку моменти, а другиот заборавил да го стави оружјето на автоматски режим, па успеал да испука само неколку поединечни истрели.

Николае и Елена „сè уште биле многу вљубени“ и побарале да умрат заедно, и покрај пресудата која барала одвоени егзекуции. Тој им ја исполнил таа последна желба и се теши со тоа што ги убил веднаш.

„Ги застрелав многу брзо. Сметам дека им овозможив да умрат достоинствено“, додава тој.


Романците од неговата генерација, кои на училиште биле воспитувани со комунистичка теорија, а дома со човечка суровост, и денес прилично едноставно зборуваат за цената на политичките превирања. „Секоја револуција бара крв. А не заборавајте, револуцијата ги јаде своите херои“, вели тој и ги крева рамениците.

Бојеру тогаш имал 31 година, бил офицер во елитна падобранска единица и се пријавил како доброволец за тајната божиќна мисија. Наредбата ја добиле само неколку моменти пред средбата со Николае Чаушеску, кој само ден-два претходно бил апсолутен владетел.

„Министерот ме праша: ’Можете ли тоа?‘ Му одговорив: ’Можам‘. Што можев да му кажам?“


Романија тонела во хаос и била една од последните земји од советскиот блок во Источна Европа што го соборила комунистичкото раководство. Единицата на Бојеру тајно ја следела револуцијата преку „Слободна Европа“. Тоа радио имало прекар „гуштерче“, веројатно затоа што, иако забрането, успевало да се провлече низ пукнатините на ѕидовите на комунистичката пропаганда. Целата единица на 21 декември била принудена да изрази лојалност кон човекот кого Бојеру ќе го застрела за помалку од една недела.

„Нè натераа да потпишеме изјава дека не се согласуваме со тоа што се случува и дека ќе го поддржуваме и штитиме Чаушеску“, вели тој.

Следниот ден, шокирани гледале како сивата зграда на Централниот комитет, седиштето на комунистичката моќ, ја заземаат демонстранти, а Чаушеску и Елена бегаат со хеликоптер.


„Војниците плачеа од среќа, луѓе за кои претходно ќе помислевте дека се согласуваат со режимот, сега пукаа од воодушевување. Го извадивме скриениот алкохол, многу лоша ракија, и пиевме. Потоа неколку дена во касарните не знаевме што да правиме. Беше монотоно, но тензично.“

„Кога барем би можел да го убијам Чаушеску! Да ми падне в раце, што би направил?“ – рекол еден негов пријател на Бадник, а веќе следниот ден и тој, не знаејќи, се пријавил како доброволец за член на стрелачкиот вод.

„За жал, доби и повеќе од тоа“, вели Бојеру. Кога се враќале од местото на судењето, хеликоптерот бил полн со обвинители, судии и високи офицери и немало место, па „колегата“ на Бојеру морал да седи врз лешовите. „Тој е најмногу трауматизиран“, вели Бојеру.

„Потоа сите сакаа да бидат на нашето место. Денес веќе никој не го сака тоа“, заклучува тој на крај.