Татјана Ремли (44), жената која минатата година беше осудена за планирање убиство на својот сопруг, е пронајдена мртва пред пабот „Princes“ во населбата Мала Италија во Сан Диего, соопштија локалните власти.
Полицијата била повикана на местото на настанот на 18 декември, нешто пред 21 часот, а Ремли била прогласена за мртва во 21:02. Иако нејзиното име официјално не било објавено, потврдено е дека се истражува смрт која, според првичните индиции, има обележја на самоубиство.
Судско-медицинската служба на округот Сан Диего подоцна соопшти дека причината за смртта е прострелна рана во главата, пренесуваат американските медиуми.

Според изјавата на нејзиниот отуѓен сопруг Марк Ремли, Татјана му се јавила по телефон околу 19 часот додека била во барот и се пожалила на мажот со кој била во друштво. Тој тврди дека ѝ предложил да го напушти локалот и ѝ понудил да повика полиција доколку ѝ е потребна помош.
„Ми рече дека подоцна ќе ме повика. Тоа беше нашиот последен разговор“, изјави Марк Ремли.

На местото на настанот било пронајдено огнено оружје, а никој друг не бил повреден. Откако наредниот ден таа не се јавувала, Марк Ремли го пријавил нејзиното исчезнување, по што набргу бил известен за нејзината смрт.
Татјана Ремли во 2024 година ја признала вината за наговорување убиец да го ликвидира нејзиниот сопруг, откако полицијата спровела операција со детектив под прикритие. Била осудена на повеќе од три години затвор, но по околу една година била пуштена на слобода. Подоцна повторно била уапсена поради сомнение за подметнување пожар, а ново судење било закажано за март 2026 година.

Иако биле во постапка на развод, Марк Ремли навел дека по нејзиното пуштање на слобода биле во контакт и дека верувал оти се блиску до договор.
„Многу пати се обидував да ѝ помогнам. Се гледаше дека се бори со животот“, рекол тој, додавајќи дека не очекувал ваков исход.

Тој наведе дека сега е во контакт со татковците на нејзините деца за да договорат како да им ја соопштат веста за смртта на мајката.
Истрагата за околностите на нејзината смрт е во тек.












