Кузеска: Фирма со тројца вработени добила 1,2 милиони евра за два месеци

Макфакс

17/12/2025

13:22

229

Големина на фонт

а а а

„Им благодариме на сите граѓани кои се приклучија и доставија информации и докуметни на нашата дигитална платформа за борба против корупција и криминал, МИЦКО, 47 различни пријави за само еден ден. Има и од различни општини, од Охрид, Штип а има и некои многу интересни информации за Скопје. Македонија се крена против корупцијата и криминалот“, кажа на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Сите овие информации, документи, докази, како што наведе таа, ќе бидат анализирани, документирани и ќе се информира јавноста за секој можен случај.

„Денеска АКТ објавува нова бомба, нов скандал, нови сомнителни милионски тендери.

Повторно истата шема. Фирма со само тројца вработени за период од 2 месеци добива тендери од Владата на Христијан Мицкоски од 74 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Милионски суми, мал број на вработени, фаворити за тендери од власта на ДПМНЕ“.

Овие факти, додава Кузеска, отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми како во досегашните објавени бомби.

„За која фирма станува збор? Сигмоид Гроуп ДООЕЛ Скопје, формирана пред само две години. Од кого добива тендери? Од Генеалниот секретаријат на Владата на Мицкоски и од СОЗР. Двете владини инстиуции, истите две вмешани и во преходните бомби кои ги објавивме. И како и во првата бомба, повторно станува збор за IT опрема. Случајно нели?

Еве го првиот договор, со Министерството за финансии, склучен на 13.10.2025 година, вреден околу 60.000 евра. Само после два дена, има нов договор, склучен на 15.10.2025, со Генералниот секретаријат на Владата, вреден: речиси милион евра (980 илјади евра). И шест недели подоцна, на 01.12.2025, нов државен тендер, овојпат за софтвер за следење на работни процеси во СОЗР, вреден околу 76 илјади евра денари. Каква милионска експанзија за два месеци? 173% раст на добивка од тендери! Истите шеми повторно“.

Како е ова можно, која е близината, праша Кузеска.

Дополнително запраша дали причината за тоа е близината на сопственикот на фримата, извесен Ј. Јанкуловски, кој дипломирал на Машинскиот факултет, токму на насоката мехатроника и роботика, каде што е Христијан Мицкоски професор.

„Ова ли е клучот за вретење милионски тендери од власта на ДПМНЕ? Близината со Мицкоски?

АКТ продолжува. Работата не е завршена“.