[ФОТО/ВИДЕО] Луксор: Египет ги претстави реставрираните колосални статуи на Аменхотеп III

Точка

15/12/2025

11:12

574

Големина на фонт

а а а

Египетските власти вчера ги претставиле двете реставрирани колосални статуи на истакнатиот фараон во јужниот град Луксор, најново во низата владини, археолошки случувања кои имаат за цел привлекување туристи во земјата.

Џиновските статуи од алабастер, познати како колоси на Мемнон, повторно се составени во рамки на проектот за реновирање кој траел околу две децении. Тие го претставуваат Аменхотеп III, кој владеел со антички Египет пред околу 3.400 години.

„Денес всушност го славиме завршувањето и кревањето на овие две колосални статуи“ изјавил за АП, Мохамед Исмаил, генералниот секретар на Врховниот совет за антиквитети.


Тој рекол дека колосите се од големо значење за Луксор, град познат по своите древни храмови и други антиквитети. Тие се исто така обид да се „оживее како погребниот храм на кралот Аменхотеп III изгледал пред многу години“, додал Исмаил.

Аменхотеп III е еден од најпознатите фараони, кој владеел во текот на 500-тите години на Новото кралство – најпросперитетниот период за антички Египет.


Фараонот чијашто мумија е изложена во музеј во Каиро, владеел помеѓу 1390 и 1352 година пр. н. е. - мирен период познат по просперитет и големи градби, вклучувајќи го неговиот погребен храм, каде што се наоѓаат колосите на Мемнон и другиот храм Солеб во Нубија.


Колосите биле срушени за време на силен земјотрес околу 1200 година пр. н. е. кој како што рекол Исмаил исто така го уништил и погребниот храм на Аменхотеп III.

Кон крајот на 90-тите, египетско-геранската мисија со која претседавал египтологот Хуриг Сурузијан почнала да работи во областа на храмот, вклучувајќи монтажа и реновирање на колосите.

Статуите го прикажуваат Аменхотеп III како седи со рацете потпрени на бутовите, со лицата свртени кон исток, кон Нил и изгрејсонцето. Статуите на главата имаат „немес“ со двократни круни и збрчкан кралски килт, кој го симболизира божественото владеење на фараонот. Останатите две мали статуи поставени пред нозете на фараонот ја прикажуваат неговата жена Тија.



Колосите со големина од 14,5 метри и 13,5 метри се наоѓаат над влезот во кралскиот храм на западниот брег на Нил. Се верува дека комплексот е најголем и најбогат храм во Египет и обично се споредува со храмот во Карнак – исто така во Луксор.

Колосите биле направени од египетски алабастер од каменоломот Хатнуба во Среден Египет. Тие биле поставени на големи пиедестали со натписи на кои е наведено името на храмот, како и каменоломот.

За разлика од другите монументални скулптури на антички Египет, колосите биле делумно составени од одделно извајани делови кои биле прицврстени на главното монолитно алабастерно јадро на секоја статуа, соопштија египетските власти.


Ова претставување во Луксор се случи само шест недели по долго одложуваното отворање на Големиот египетски музеј, централниот дел на владините настојувања за поттикнување на туристичката индустрија на земјата и внесување финансиски средства во проблематичната економија. Мегапроектот се наоѓа во близина на познатите пирамиди во Гиза и Сфингата.

Туристичкиот сектор кој во голема мера зависи од богатите фараонски артефакти, беше загрозен по годините политички превирања и насилство по револуцијата во 2011 година.

Во текот на последните години, секторот почнал да закрепнува по Ковид-19 пандемијата и среде војната меѓу Русија и Украина – двете земји се главен извор на туристи.


„Ова место ќе биде интересно во годините што доаѓаат“, изјавил Шериф Фати, египетскиот министер за туризам и антиквитети, кој присуствувал на церемонијата на откривање.

Рекорден број од околу 15,7 милиони туристи го посетиле Египет во 2024 година, што придонело околу 8% од БДП на земјата. Се очекува дека годинава земјата ќе ја посетат околу 18 милиони туристи, а властите се надеваат на 30 милиони посетители годишно до 2032 година.