Фон дер Лајен: Ништо не треба да се одлучува за Украина без Украина

Макфакс

21/11/2025

21:43

170

Големина на фонт

а а а

Ништо не треба да се одлучува за Украина без Украина, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека ги информирал претседателката на ЕК и претседателот на Европскиот совет, Антони Кошта, за американскиот план за прекин на руската инвазија на Украина.

„Што се однесува до следните чекори, европските лидери ќе се сретнат утре на маргините на Г20, а потоа во Ангола“, каде што ќе се одржи самитот на Европската унија и Африканската унија, напиша Урсула фон дер Лајен на платформата X.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денес изјави дека ќе предложи „алтернативи“ на американскиот план за прекин на конфликтот со Русија, план кој се смета за многу поволен за Москва, ветувајќи дека нема да ги „издаде“ украинските интереси.

Зеленски предупреди дека неговата земја ризикува да ја изгуби поддршката на САД поради планот на Вашингтон за прекин на војната со Русија.

„Украина би можела да се соочи со многу тежок избор – губење на достоинството или ризик од губење на клучен партнер“, рече Зеленски.