Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави започнување на антивоена кампања, која ќе биде придружена со мировни собири низ цела Унгарија.
„Опасноста од ширење на војната е поголема од кога било. Европејците сакаат да започнат војна. И ние сме Европејци, но не сакаме да се бориме“, рече Орбан во видео порака емитувана од телевизискиот канал М1.
„Почнуваме антивоена кампања“, рече тој, додавајќи дека заедно со поддржувачите на мирот ќе одржи „серија антивоени акции“ низ целата земја. Според него, акциите ќе започнат на 15 ноември од градот Ѓер во северозападна Унгарија.
„Да му покажеме на целиот свет дека Унгарија не сака војна“, им се обрати Орбан на своите сонародници.
Тој потсети дека на 23 октомври во Будимпешта се одржаа Марш на мирот и антивоен митинг, на кој, според организаторите, се собраа 80.000 луѓе. „Мировниот марш беше фантастичен успех. Многумина од нас се изјаснија против војната и за мир. Ви благодариме на сите што бевте таму“, рече Орбан.
Се огласи и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој рече дека дефинитивно ќе се приклучи на антивоената кампања и ќе присуствува на митингот во Ѓер.






