Крис Еванс, најпознат по улогата на „Капетан Америка“, и неговата сопруга Алба Баптиста, која е 16 години помлада од него, станаа родители за првпат. Двојката, која се венча во септември 2023 година, доби бебе во саботата, но засега не е познато дали станува збор за машко или женско дете, пренесува порталот „TMZ“.
Ниту други детали околу породувањето не се познати, бидејќи парот внимателно ја чува својата приватност далеку од очите на јавноста.

Гласините за бременоста започнаа уште во јули, кога таткото на Алба, Луиз Баптиста, на Денот на татковците во честитка до зетот напиша: „Крис, твојот ред допрва доаѓа!“.
Еванс одамна ја изразуваше желбата да стане татко, нешто што никогаш не го криел од јавноста, а сега конечно му се оствари сонот.
Љубовната приказна меѓу нив двајца започна на почетокот на 2023 година. Познато е дека ѝ предложил брак на мошне романтичен начин — на португалски јазик, имајќи предвид дека таа е Португалка. Во изјава за магазинот „The Knot“, Еванс откри дека ја вежбал таа реченица цела недела.

Парот се венчаше во септември 2023 година и имаше две церемонии — една на Источниот брег на САД, а другата во Португалија, родната земја на Баптиста.
„Сега кога сето тоа е зад нас, едноставно уживаме во животот и се подготвуваме за есента — мојата омилена сезона. Ова е најубавото време од годината. Само се опуштаме и уживаме во животот“, изјави Еванс претходно на „New York Comic Con“.





