Скоро 3.000 гласа вредни како 30.000, со овие зборови Јована Мојсоска, актуелен пратеник и кандидатка за градоначалник на Струга, им се заблагодари на своите сограѓани за поддршката на локалните избори. Во објава на социјалните мрежи, Мојсоска порача дека секој глас добиен за Левица е „чист како солза“, без поткуп, уцени или закани, туку даден од искрена желба за подобро утре.
„Мои стружани и стружанки, фала ви од срце за секој глас и поддршка, секој наш глас е чист како солза, без поткуп, уцени и закани – туку од искрена желба за промена и подобро утре. Тие чесни луѓе кои го ставаат јавниот пред личниот интерес се хероите на нашето време! Позитивниот прием кој го осетив изминатиов месец е само показател дека стружани имаат желба за промена и дека нашата борба допрва претстои“, истакнува Мојсоска.
Таа најави дека заедно со советникот Климе Карамитре ќе се борат за интересите на сите граѓани, со цел да се спречат, како што вели „лукративните пазари на бизнис партиите“.
Особено ја радуваат, додава, резултатите во градот, каде што на шест избирачки места, во училиштата „Ибрахим Темо“ и „Јосип Броз Тито“, Левица освоила прво место по број на гласови.
„Ме радуват и драстично зголемениот раст на поддршката во Подгорци, Октиси и Лабуништа – што покажвит дека времето на Левица во Струга допрва доаѓа“, додава таа.
Мојсоска завршува со порака: „Фала ви од срце убај луѓе – нашата борба можеби е тешка, но е праведна!“.