Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Макфакс

16/10/2025

15:36

219

Големина на фонт

а а а

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.

Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.

Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.

Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.

Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.

Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.

И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.