Хелсиншки комитет за човекови права најостро реагира на сѐ почестите случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политички активности во пресрет на претстојните локални избори. Иако официјалната изборна кампања завршува за неколку дена, на социјалните мрежи може да се забележат бројни фотографии и видеа каде децата се злоупотребени за политички цели од страна на кандидати и нивните поддржувачи, велат од Хелсиншки.
„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето, туку претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Ваквата пракса, за жал, е редовна појава во земјава. Во пресрет на локалните избори, во медиумите и социјалните мрежи се забележуваат повеќе вакви случаи, само неколку примери се: видео објава на кандидат во која се вклучени нивни деца со повик да се гласа на претстојните избори, фотографија на кандидат за градоначалник кој на деца им дели играчки во рамки на кампањата, како и делење на промотивен материјал на деца“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет упатува јасен апел до институциите, политичките партии, медиумите и родителите веднаш да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на сите кои ги користат децата за политички цели.
Политичката злоупотреба на деца е забранета со закон. Согласно Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.“
Хелсиншкиот комитет потсетува дека на децата не им е место во политиката. Наместо злоупотреба, велат од таму, политичарите и нивните поддржувачи треба да се залагаат за создавање услови за квалитетен живот, образование и развој на најмладите.