Ахмети ги откажува изборните активности за да оди на протест на УЧК во Тирана

Макфакс

16/10/2025

13:46

218

Големина на фонт

а а а

Како Централен штаб, донесовме одлука да ги откажеме сите изборни активности на Али Ахмети за петок, потврдувајќи го неговото учество на севкупниот национален протест во Тирана, во поддршка на неговите соборци и основачи на славната Ослободителна војска на Косово (УЧК). Овој чин е акт на национална солидарност, но и потсетник за оние што забораваат дека слободата и правата не се подаруваат, тие се освојуваат со жртвување, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.

Тој вели дека во текот на изборната кампања, Националната алијанса за интеграција настапила достоинствено, смирено и со конкретна понуда за граѓаните.

„Не се занимававме со клевети, црни кампањи или манипулации. Зборувавме со јазикот на фактите, визијата и одговорноста. Нашата кампања ја изградивме врз довербата – не врз стравот. За жал, нашите противници ја избраа спротивната насока – патот на клеветите, фабрикувањата и темните сценарија. Наместо идеи – понудија лаги; наместо проекти – измислија скандали; наместо натпревар за развој – поттикнаа поделби. Од самиот почеток, самиот премиер изјави дека „суштината на овие избори е исчезнувањето на ДУИ од политичката сцена“, а потоа зборуваше и за „политичко пензионирање на Али Ахмети“. Тоа не е само политички речник – тоа е носталгија за време кога Албанците требаше да бидат под команда, а не рамноправни учесници во одлучувањето. Но тоа време заврши. Албанците никогаш повеќе нема да бидат васали на туѓа волја“, рече Адеми.