Саул Нигез изминатово лето стави крај на својата долга етапа во Атлетико Мадрид и ја заврши својата авантура во клубот од соништата, а после адаптацијата и добрата средина во која ужива сега во Бразил, шпанскиот офанзивец се огласи за своите последни денови на „Метрополитано“.
Нигез открива дека до последен ден одржал извонреден однос со Чоло Симеоне и најодговорните луѓе во клубот како Мигуел Анхел и Серезо, но нема баш добри спомени од Андреа Берта, спортскиот директор кој пред неколку месеци се пресели во Арсенал.
– Симеоне во лице ми кажа дека веќе не смета на мене, па дури и самиот остана изненаден од мојата реакција. Му се заблагодарив и му реков дека ми овозоможи да си го исполнам сонот. Секогаш сум имал директен однос со Чоло и тоа не се промени до последниот ден.
– Јас сум играч од академијата, секогаш сум бил тука за клубот, сум ја намалувал платата кога Атлетико го барал тоа од мене, ме плаќале на повеќе рати, дури и кога си одев, направив тоа да биде што е можно полесно.
– За жал, имаше и негативна енергија кога си заминував. Со Чоло, Серезо и Мигуел Анхел секогаш имаше почит, но не и со Андреа Берта. Тој не беше целосно искрен со мене, имам и докази за тоа. Се служеше со лаги и тоа не проаѓа добро кај мене. Ме повреди таквиот третман, но Атлетико останува мој клуб и секогаш ќе се враќам таму со насмевка на лицето, – вели Саул.
Во најдобрите денови од етапата во Атлетико, Саул заслужено го доби епитетот на вистински воин, а причина за тоа беше фактот што играше за првиот тим дури и во ситуација кога уринираше крв поради проблеми со бубрезите.