Гатузо ја препороди Италија, капитенот Донарума убеден: Одиме на Светско првенство

Дерби

15/10/2025

13:01

219

Големина на фонт

а а а

Џанлуиџи Донарума го заборави својот кикс против Естонија со две брилијантни одбрани против Израел, а неговите добри реакции и помогнаа на Италија да оствари рутинска победа од 3:0.

Италија предводена од Џенаро Гатузо засега изгледа беспрекорно и навистина сплотено во секој поглед, па така после четвртиот триумф во низа, владеат се попозитивни вибрации во тимот.

Доказ за тоа е и расположението на капитенот Донарума, кој смета дека овој италијански тим нема шанси да дозволи нешто од кое сите се плашат.

Повеќе од веројатно е дека Италија ја чека нов бараж за Светско првенство, но Донарума е убеден дека „аѕурите“ нема да пропуштат и трет мундијал во низа.

– На крајот, многу ќе не чини првиот натпревар со Норвешка кој го загубивме. Во денешно време, веќе немате право на грешка ниту еден ден, бидејќи со пораз ризикувате да се најдете во баражот. Да можеше, би сакал повторно да го одиграме тој меч, бидејќи тогаш бевме поинаков тим од сега, бевме раштркани на теренот.

– Сега гледаме позитивно на иднината и секој нареден натпревар го гледаме како голема шанса. Сигурен сум во потенцијалот на овој тим и сигурен сум дека ќе обезбедиме место на Светското првенство, – изјави капитенот на Италија која на последните четири меча со Гатузо има биланс од 16 постигнати гола и само пет примени.