Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, кој е во посета на Македонија.
„Како што знаеме со Словачка нѐ врзуваат заедничкото наследство на Светите браќа Кирил и Методиј, блиски културни односи, сестрано и долготрајно пријателство. Денеска реков, ако сум јас еден од основачите на Европското движење во моментот на распаѓањето на Југославија, Словачка е државата којашто финансиски сѐ уште ја поддржува Европската конвенција на која се најдоа најважните прашања врзани за реформите“, рече таа.
Претседателката кажа дека политичките односи со Словачка се исклучително добри и дека таа посакува економска подобра соработка.
„Најважното за нас: Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени долгогодишни поддржувачи на европската интеграција, со кристално јасна заложба за потребата од проширување на ЕУ. Тоа не го прави само во рамките на Вишеградската група, туку и со активното учество во Групата пријатели на Западен Балкан, меѓутоа еве и на денешната средба. Нема подобро чувство од тоа да видите како претседател на земја – членка на Европската Унија ви изразува јасна поддршка на европскиот пат. Многу ме радува што обајцата делиме став дека проширувањето мора да се темели на Копенхагенските критериуми од кои не треба да бегаме. Значи да е засновано на заслуги и да е засновано на резултати. Да не зависи од дополнителни, ирационални политички условувања, коишто на некој начин го узурпираат процесот на евроинтеграцијата“, рече Сиљановска – Давкова.
Таа се осврна и на геополитичка и безбедносна состојба на ризик на Европа.
„Јас сум многу свесна за актуелната геополитичка и безбедносна состојба на ризик на Европа, ризикот од создавање на политички вакуум којшто може да биде искористен од трети страни и токму тоа му го предочив на претседателот дека – кога се укажува со право на опасноста од политички влијанија однадвор, од трети страни, мора да се знае дека не постои никогаш празен политички вакуум. Вакуумот секогаш некој ќе се обиде да го пополни, но најдоброто решение за оневозможување на било каков вакуум и политичко влијание од трети страни е да се реинтегрираме во Европската Унија, да имаме јасни гаранции дека таму ни е местото. Така фактот дека ние географски, историски, културно, отсекогаш сме биле дел од Европа ќе се заокружи природно и политички. Така ние ќе се вратиме таму каде што сме биле, во Европа“, рече претседателката.