Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

Макфакс

14/10/2025

16:00

223

Големина на фонт

а а а

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.

Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.

Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.

Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.

Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.

„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.