На 7 октомври 2023 година, терористичкиот напад на Хамас го погоди Израел во срж. Две години земјата води крвава војна во Газа и регионот – драматично менувајќи го политичкиот пејзаж на Блискиот Исток, пишува Дојче Веле.
Тоа беше еден од најмрачните денови во историјата на Израел и ја затекна земјата целосно неподготвена: На 7 октомври 2023 година, голем број борци на Хамас и други милитанти од Газа успеаја да ја преминат силно обезбедуваната граница со Израел, да навлезат длабоко во земјата, да убијат повеќе од 1.200 луѓе и да земат околу 250 лица како заложници во Појасот Газа. Траумата од оваа ранливост и денес се чувствува во Израел.
Тоа се и две од најмрачните години во палестинската историја. Само еден ден подоцна, израелската влада одлучи да го нападне Појасот Газа. Оттогаш, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, повеќе од 65.000 луѓе се убиени, а над 160.000 се повредени – вистинскиот број на жртви веројатно е поголем. Според ОН, над 90 отсто од станбените згради се уништени или оштетени. Во големи делови од Појасот Газа владее акутен глад, а повеќе од 1,9 милиони луѓе се интерно раселени на територија помала од островот Крк.
Воените цели на Израел се само делумно постигнати
По масакрот на 7 октомври 2023 година, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прогласи две воени цели: ослободување на сите заложници и уништување на Хамас. Две години подоцна, и покрај сите напори, овие две цели не се целосно постигнати. Од 251 заложник, 148 досега се вратиле живи во Израел – само осум беа ослободени од израелската војска. Останатите 140 беа ослободени од Хамас – главно во замена за голем број палестински затвореници во Израел.
Исто така телата на неколку мртви заложници се вратени во Израел, а според израелската влада, 47 заложници се уште се во рацете на Хамас. Меѓутоа се верува дека само околу 20 од нив се живи.
Хамас сè уште постои. Иако бројни борци од групата, која е прогласена за терористичка организација од Израел, ЕУ и САД, беа убиени во последните две години, еврејско-американската лоби организација „J-Street“ неодамна објави дека дури 23.000 борци на Хамас биле убиени. Израелската војска, исто така, елиминираше неколку од лидерите на организацијата, како што се Исмаил Ханије и Јахја ал-Синвар. И покрај ова, Хамас остана активен. Според „J-Street“, тој се трансформираше од паравоена организација во децентрализирана герилска група, пишува ДВ.
Доколку навистина биде спроведен планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, презентиран минатата недела, воениот биланс на Израел дополнително би се променил. Планот предвидува ослободување на сите преостанати заложници. Хамас исто така би бил разоружан. А борците кои „се обврзуваат на мирен соживот“ можат да сметаат на амнестија, според планот на Трамп. Тоа фактички би значело крај на Хамас како вооружена паравојска. Останува неизвесно дали неговата идеологија може целосно да биде искоренета.
Непријателите на Израел воено ослабени
Меѓутоа, крвавиот конфликт од изминатите две години не беше ограничен само на Газа. Хезболах, кој дејствува во Либан и Хутите во Јемен изразија солидарност со Хамас веднаш по почетокот на војната во Газа – се верува дека сите три организации се финансиски и воено поддржани од Иран.
Израел презеде мерки против сите овие организации – со значителен воен успех. Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, беше убиен во воздушен напад во Бејрут, а бројни борци беа жртви на напади со далечински управувани пејџери, акција што привлече светско внимание. Во комбинација со понатамошни воздушни напади врз јужен Либан, Хезболах денес е значително ослабен.
Израелските воздухопловни сили, исто така, со денови изведуваа напади врз Иран, и предизвикаа сериозна штета на нуклеарната програма на земјата. Фактот дека на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, беше убиен во воздушен напад во самото срце на Техеран претставува дополнителен срам за тамошниот режим.
Со соборувањето на долгогодишниот владетел на Сирија, Башар ал-Асад на крајот од 2024 година, Иран изгуби уште еден сојузник во регионот. Противниците на Израел во Иран, Сирија, Либан и Газа, претходно обединети во таканаречената „шиитска полумесечина“, претрпеа тежок удар – а воената доминација на Израел во регионот сега е посилна од кога било.
Обвинувања за геноцид и изолација во надворешната политика
Но, политичката цена за овие стратешки успеси е висока. Начинот на кој се води војната, особено, резултираше со масовни меѓународни критики кон израелската влада.
Во текот на изминатите две години, израелската војска бомбардираше болници и училишта во Газа, убивајќи илјадници жени и деца, како и бројни медиумски работници, спасувачи и хуманитарни работници. Доставата на хуманитарна помош за страдалното цивилно население повеќепати беше блокирана – со аргумент дека не смеат да паднат во рацете на Хамас.
Сето ова доведе до обвинувања за геноцид против Палестинците на сметка на израелската влада. Комисијата за човекови права на ОН, најголемото светско здружение на истражувачи на геноцид, па дури и некои израелски организации за човекови права како што се Б’Тселем и Лекари за човекови права, сега отворено тврдат дека Израел врши геноцид во Газа – тврдење што израелската влада жестоко го негира.
Уште во декември 2023 година, Јужноафриканска Република го тужеше Израел пред Меѓународниот суд на правдата (ICC) за кршење на Конвенцијата за геноцид. Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на Бенјамин Нетанјаху и тогашниот министер за одбрана Јоав Галант за злосторства против човештвото. Двете постапки беа остро критикувани од Израел и неговите сојузници – Унгарија подоцна дури и ја објави својата намера да го напушти МКС.
Признавање на Палестина и закана со санкции од ЕУ
Сè поочајната ситуација на палестинското цивилно население во Газа, исто така, го забрза признавањето на Палестина како независна држава. На 7 октомври 2023 година, 137 земји ширум светот ја признаваа независната палестинска држава – две години подоцна, веќе има 20 плус држави, вклучувајќи важни земји како Франција, Велика Британија, Шпанија, Австралија и Канада.
Сите тие на тој начин сакаат да ја изразат својата посветеност на решението со две држави на Блискиот Исток – иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно ја отфрли идејата. Тој го осуди признавањето како наводна „награда“ за теророт на Хамас – иако сите држави што неодамна ја признаа Палестина ја исклучија можноста Хамас да игра улога во обликувањето на државата.
Како одговор на тековната војна во Газа, голем број земји го суспендираа извозот на оружје за Израел. Голем број земји, вклучувајќи ги Колумбија, Јужна Африка и Малезија, исто така воведоа санкции против Израел.
ЕУ долго време дискутираше и за воведување економски санкции против земјата – сè поголем број земји-членки ја поддржуваат суспензијата на Договорот за асоцијација на ЕУ со Израел, како и ограничувањето на безвизниот режим за израелските државјани и блокирањето на увозот од еврејските населби на Западниот Брег. Меѓутоа, Германија и некои други земји од ЕУ досега одбиваа да ги поддржат овие чекори.
Длабоко поделена земја
Дури и во рамките на самиот Израел, мислењата за тоа како земјата треба (да продолжи да) се справува со Газа се широко поделени. Особено десничарските екстремистички министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрих сакаат да продолжат со остри воени акции против Хамас. И двајцата исто така флертуваат со идејата за израелска анексија на Западниот Брег, што дефинитивно би го саботирало решението за две држави.
Но, други групи во Израел со месеци притискаат за прекин на огнот – особено семејствата на заложниците и нивните поддржувачи. Тие протестираат секоја недела за решение кое би се постигнало во преговорите – и се чувствуваат напуштени од нивната влада.
Но, и други групи повеќепати протестираа против војната: арапски Израелци, воени ветерани и членови на семејствата на воениот персонал. Генерално, според анкетата од јули 2025 година, повеќе од 70% од Израелците поддржуваат прекин на огнот. Но, општеството е длабоко поделено, а таборите за и против воената акција во Газа во последно време стануваат сè понепомирливи.
Планот на Трамп како зрак надеж
Минатата недела, планот на Трамп за Газа конечно раздвижување во конфликтот. Но, останува нејасно дали планот всушност ќе биде имплементиран или не.
Дури иако иницијативата на американскиот претседател успее трајно доведе до примирје во Газа по 24 месеци војна, раните нанесени на двете страни на тој 7 октомври 2023 година и во текот на двете години потоа, ќе останат – можеби со години па дури и децении.