Во голема полициска акција уапсени се 18 лица, а пронајдени се повеќе од две илјади уреди.
Британската полиција разоткри меѓународна банда која минатата година од Обединетото Кралство во Кина прошвецрувала до 40.000 украдени мобилни телефони.
Во операцијата, која ја опишуваат како „најголемата британска акција против кражба на мобилни телефони досега“, уапсени се 18 осомничени, а пронајдени се повеќе од две илјади украдени уреди, пренесува „Dnevnik.hr“.
Полицијата верува дека токму оваа банда би можела да биде одговорна за извоз на до половина од сите украдени телефони во Лондон — град во кој се случува најголемиот дел од ваквите кражби во целата земја.
„BBC“ доби увид во операцијата, со детали за осомничените, нивните методи и претресите спроведени на 28 локации во Лондон и Хартфордшир.
Една жртва го лоцирала телефонот – и случајот почнал да се расплетува
Истрагата започнала откако една жртва го лоцирала својот украден телефон минатата година.
„Беше Бадник. Жртвата електронски го следеше својот украден ’iPhone‘ до магацин во близина на аеродромот ’Heathrow‘“, изјавил детектив-инспекторот Марк Гавин. Обезбедувањето потоа го пронашло телефонот, а со него во кутија уште 894 уреди.
Речиси сите мобилни телефони пронајдени во таа пратка биле украдени и подготвени за испраќање во Хонг Конг. Потоа полицијата пресретнала уште неколку пратки и преку форензичка анализа на пакетите идентификувала двајца мажи.
Камерите поставени на униформите на полициските службеници снимиле драматично апсење среде улица — во возилото биле пронајдени телефони завиткани во алуминиумска фолија, како обид да се спречи нивното електронско следење.
Уапсени се двајца државјани на Авганистан. При апсењето во нивниот автомобил биле пронајдени десетици мобилни телефони, а уште околу две илјади уреди биле откриени во објекти поврзани со нив. Подоцна бил обвинет и трет маж — 29-годишен државјанин на Индија.
За три години – тројно повеќе украдени телефони
Детективот Гавин изјавил дека откривањето на првата пратка било клучна пресвртница во истрагата.
„Благодарение на тоа, ја разобличивме меѓународната шверцерска мрежа за која веруваме дека е одговорна за извоз на до 40% од сите украдени телефони во Лондон.“
Минатата недела полицијата уапсила уште 15 лица осомничени за кражба, прикривање украдена стока и учество во заговор за извршување кражби.
Сите осомничени, освен едно лице, се жени — меѓу нив и државјанка на Бугарија. За време на раните утрински рации биле пронајдени околу 30 уреди.
Бројот на украдени мобилни телефони во Лондон речиси се зголемил за три пати во последните четири години — од 28.609 во 2020 година, на 80.588 во 2024.
Расте побарувачката за користени телефони
Лондон секоја година го посетуваат повеќе од 20 милиони туристи, а туристичките зони како „West End“ и „Westminster“ се особено чести мети на џепчии и крадци на телефони.
Зголемената побарувачка за користени мобилни телефони — и во земјата и во странство — се смета за главна причина за порастот на кражбите, а многу жртви никогаш не ги добиваат своите уреди назад.
„Некои криминалци престануваат со трговија со дрога и се префрлаат на трговија со телефони затоа што е попрофитабилна“, изјави министерката за внатрешни работи Сара Џонс.
„Ако украдете телефон вреден неколку стотици фунти, јасно е зошто криминалците кои сакаат брза заработка се насочуваат кон ваков тип злосторство“, додаде таа.
Уличните крадци добивале по 300 фунти за телефон – продавале за 4000.
Високи полициски претставници изјавиле дека криминалната мрежа целно ги крадела производите на „Apple“ поради нивната висока цена на странските пазари.
Истражувањето на Метрополитенската полиција открило дека уличните крадци добивале по околу 300 фунти за еден уред, додека во Кина тие телефони се продавале за до 4000 фунти по парче, затоа што имаат пристап до интернет и се привлечни за оние кои се обидуваат да ја заобиколат цензурата.
Многу жртви на кражби ја критикувале полицијата — вклучувајќи ја и Метрополитенската — тврдејќи дека не презема доволно мерки.
Честите поплаки се однесуваат на тоа дека полицајците не реагираат дури ни кога жртвите им ги доставуваат точните локации на своите телефони во реално време, следејќи ги преку апликации како „Find My iPhone“ и слични сервиси на „Apple“.