Деца пронашле употребен шприц во двор на скопска градинка, ја скршиле иглата и се гребеле со неа: Родителите избезумени и револтирани

Точка

16/09/2025

12:22

1.151

Големина на фонт

а а а

Пред две недели во дворот на градинката „13 Ноември“ во Буњаковец, деца пронашле шприц, а родителите стравуваат дека некои од нив можеби се гребнале или боцнале од иглата.

Децата го пронашле шприцот и си играле со него во дворот од градинката, а притоа го чувале и давале еден на друг без никој да знае колку време траело сето тоа.

Родител за „А1он“ изјавил дека станувало збор за веќе употребен шприц, најверојатно фрлен од зависник од дрога. Паника настанала кога било откриено дека едно од децата го однело шприцот дома скриен во џеб, а подоцна било утврдено и дека имало игла која децата ја скршиле и се гребеле со неа. Сè уште не е јасно дали навистина некои од нив биле боцнати од иглата на шприцот.


Според сведоштво на родител, од градинката им било кажано да молчат и да не го шират случајот во јавност и дека ќе се реши внатрешно. Дел од родителите се револтирани дека не се обрнува доволно внимание на децата кога играат во дворот, а други барале во вечерните часови да има контроли за тоа кој влегува во дворот на градинката и што се случува таму.

Од „А1он“ се обиделе да стапат во контакт и со директорката на градинката, но телефонскиот број за контакт не бил во функција, па засега нема одговор од нејзина страна.