Денес се навршуваат девет години од големите поплави кои ја погодија општина Гази Баба во 2016 година.
По повод одбележувањето на годишнината, градоначалникот Бобан Стефковски преку социјалните мрежи се обрати до граѓаните.
„Поминаа 9 години од големата трагедија која ги погоди Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Ченто и другите делови од нашата општина. Тоа беа моменти на страв, болка и загуба, кои засекогаш ги променија животите на многумина.
На тој ден, природата ја покажа својата суровост, но човечноста блесна посилно од сè. Семејства изгубија најблиски, домови беа уништени, срца беа скршени.
Денес се сеќаваме на нашите сограѓани кои ги загубија животите – тие се во нашите мисли и молитви. Нивната загуба е и наша загуба. Нивниот спомен е светол пламен кој нема да згасне“, напиша Стефковски.
Следната година, општина Гази Баба ќе одбележи 50 години од своето постоење и 10 години од поплавите во таа чест, градоначалникот најави отпочнување постапка за откривање на спомен плоча.
„Оваа спомен-плоча ќе биде вечен паметник – не само на трагедијата, туку и на храброста, солидарноста и човечноста кои ги покажавме како народ. Ќе биде место на тишина и размисла, на молитва и сеќавање, на почит кон оние кои не се меѓу нас.
Сакам да ги повикам сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива – затоа што ова не е само обврска на општината, туку на сите нас како луѓе. Да покажеме дека не забораваме, дека знаеме да почитуваме и дека од болката умееме да создадеме сила“, заклучи Стефковски.