Алиу: Дигитализацијата не е технолошки луксуз, туку предуслов за ефикасно здравство

Макфакс

07/07/2025

13:46

156

Големина на фонт

а а а

Дигитализацијата не е технолошки луксуз, туку предуслов за правично, ефикасно и отчетно здравство. Затоа започнавме со подготовка за измена на 12 основни закони од здравствениот систем, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Тој кажа дека секој закон ќе биде третиран од посебна експертска работна група, затоа што, како што рече, модерно здравство не се гради со импровизации, туку со прецизни, системски правила.

„Здравствениот систем не може да се води со претпоставки. Затоа започнавме и со мапирање на состојбите, реална проценка на капацитетите, потребите и празнините. Времето на одлучување „од око“ завршува, иднината е здравство што одлучува врз основа на податоци, не врз навика“, рече Алиу.

Додаде дека Министерството за здравство веќе активно работи на системот базиран на петте столбa, со цел да се трансформира здравството во стабилен и политички независен здравствен систем, а посебен фокус е ставен на дигитализацијата како темел на здравствен систем базиран на реални податоци.

„Градиме систем како што се гради алгоритам, со точно дефинирани влезови, процеси и резултати. Во тој алгоритам, граѓанинот е на излезот, а човечката грижа е во јадрото. Процесите што ги започнавме нема да останат декларативни, тие се дизајнирани да се засилуваат во динамика и да даваат мерливи резултати“, рече Алиу.