"Mercedes-AMG" го претстави "Concept AMG GT XX" – визионерски автомобил што навестува нова ера на електрични перформанси, со револуционерна технологија на аксијални флукс мотори и ултрабрзо полнење.
Овој спортски купе со четири врати нуди неверојатна сила од над 1.000 kW (1.360 коњски сили), благодарение на три аксијални флукс мотори – еден поставен напред и два во задниот дел.
Од "Mercedes-AMG" нагласуваат дека се особено горди на најголемиот напредок кој го постигнале со револуционерниот систем за полнење. Тој овозможува надополнување енергија за 400 километри автономија за само пет минути. Просечната моќност на полнење надминува 850 kW при напон од над 800 волти, со што овој автомобил се вбројува меѓу најбрзо полнечките електрични возила досега создадени.
Голем технолошки исчекор
Аксијалните флукс мотори претставуваат голем скок во технологијата – трипати се помоќни од класичните електромотори, две третини полесни и заземаат само една третина од просторот. Оваа компактност овозможува поголема флексибилност при дизајнот на погонот, додека директното ладење на батериските ќелии овозможува оптимални перформанси дури и при интензивно возење.
Возилото се базира на целосно новата архитектура "AMG. EA", со интелигентен систем за управување со температурата што гарантира континуирани високи перформанси. Батеријата, која има повеќе од 3.000 ќелии, е развиена во соработка со експерти од "Formula 1" во "Mercedes-AMG High Performance Powertrains", искористувајќи ги искуствата стекнати при развојот на моделот "AMG ONE" и тркачките технологии.
Новата продукција на аксијални флукс мотори во "Mercedes-Benz" фабриката во Берлин претставува технолошко достигнување, вклучувајќи 100 производствени процеси – од кои 65 се нови за "Mercedes-Benz", а 35 се светски премиери, меѓу нив и нови форми на ласерска технологија и употреба на вештачка интелигенција.
Импресивна аеродинамика
"Concept AMG GT XX" се одликува со исклучителна аеродинамика и коефициент на отпор на воздух од само 0,198 – и покрај широките пневматици со високи перформанси и максимална брзина поголема од 360 km/h.
Активниот аеродинамички систем "AIRPANEL" автоматски го регулира протокот на воздух според потребите за ладење, додека пасивна ладилна плоча на предниот дел од подвозјето го искористува протокот на воздух под автомобилот за дополнително ладење.
Дизајнот на концептот дополнително се истакнува со екстравагантната боја „sunset beam orange“, која во светлина се менува како течен метал, а "AMG" решетката со десет вертикални летви и шест кружни задни светла создаваат визуелен идентитет кој ќе стане препознатлива карактеристика на новите "AMG" спортски модели.
Овој концепт го најавува идниот сериски модел кој ќе се базира на "AMG. EA" архитектурата, а аксијалните флукс мотори ќе влезат во сериско производство кај "Mercedes-AMG" моделите од 2026 година.