Во текот на изминатиот викенд, шест возачи се лишени од слобода поради безобѕирно управување со моторно возило, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи. Најголем дел од случаите се однесуваат на возење под дејство на алкохол.
Во Прилеп на улицата „Пеце Котески“, полициски службеници од ОВР Прилеп го привеле М.С. од Скопје, кој управувал товарно возило „Ивеко“. При контрола било утврдено дека има 1.90 промили алкохол во крвта.
На улицата „Борис Кидриќ“ во Штип, полицијата го привела Д.К. (37) од село Шлегово, Кратово, кој управувал патничко возило „Алфа Ромео“ со кратовски регистарски ознаки. Алкотестот покажал 1.52 промили алкохол.
Во Кичево на локалниот пат меѓу селата Вранештица и Староец, се случила сообраќајна незгода во која учествувале две возила. Кај возачот М.Ц. (33) од Кичево, кој управувал „Мицубиши“, било утврдено дека имал 1.72 промили алкохол.
На регионалниот пат Желино – Јегуновце, во село Прељубиште, тетовско, полицијата го привела Д.М. (58) од село Жилче, кој управувал „Ланчија“ со тетовски регистарски ознаки. Тој излетал од коловозот, а алкотестот покажал 2.24 промили алкохол.
Во Гевгелија, на булеварот „Гевгелија“, П.П. (30) од село Миравци управувал возило под дејство на 2.01 промили алкохол, при што предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета на две паркирани возила.
На автопатот Скопје – Тетово, во близина на бензинска пумпа, полицијата го привела Н.В. (31) од Куманово, кој управувал „БМВ“ со кумановски регистарски ознаки. Тој возел со 175 км/ч на делница каде што дозволената брзина е 80 км/ч.
Од МВР информираат дека сите лица се приведени и против нив се поведени соодветни кривични постапки