За една недела во Скопје ќе се слави шестата Парада на гордоста

Макфакс

15/06/2025

14:13

272

Големина на фонт

а а а

Под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно!“, на 21 јуни во Скопје ќе се одржи шестата Парада на гордоста, со фокус на заедништвото, отпорот и борбата за човекови права. Организаторите најавија дека годинашниот настан ќе биде протест, а не прослава, поради зголемениот говор на омраза, институционалното молчење и назадувањето на правата на ЛГБТИ+ заедницата.

Настанот ќе започне во 18 часот во Паркот „Жена борец“, а маршот ќе тргне во 19 часот од Собранието, со застанувања пред Министерството за образование и наука и Владата.

-Овој слоган не е случаен – тој го носи нашето искуство на преживување, но и нашата одлучност, не само да опстоиме, туку да опстоиме заедно. Во време на политички притисоци, говор на омраза, институционално молчење и глобална неправда, нашиот одговор е заедништво, солидарност и радикална грижа. Протестираме затоа што сакаме да живееме во општество во кое телата, љубовта и идентитетите нема да се сметаат за закана, изјави Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите лица.

Активистот Стефан Петровски истакна дека годинашната парада нема да има забавна програма.

-Одлучивме дека нема што да славиме. Нема простор за перформанси и одвлекување на вниманието од реалноста. Особено не во време кога владата инвестира во општествен пропаст, наместо во култура. Нашиот марш останува гласен и одлучен, затоа што парадата кај нас не е фестивал, туку протест, рече тој.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, предупреди дека маргинализираните заедници се сѐ повеќе исклучени.

-Имаме многу за што да протестираме оваа година. Светот, за жал, наместо да ги унапредува човековите права, ги уназадува – и сето тоа се рефлектира и на сите процеси што се случуваат во нашата земја, рече таа.

„Скопје Прајд“ се одржува од 2019 година и има за цел да ја промовира видливоста, правата и достоинството на ЛГБТИ+ заедницата, како и да поттикне поширока општествена поддршка и солидарност.