Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, според СДСМ, уште на почетокот го покажал својот вистински лик, надмен, без допир со реалноста и на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните.
Од опозициската партија реагираат на интервју на Славески во кое тој изјавил дека минималната плата не гарантира пристоен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“.
„Тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, земал плата над 3000 евра, и сега ги поучува граѓаните дека не треба да очекуваат повеќе, туку да се распарчуваат на три фронта за да преживеат.
Трајко Славески очигледно не знае дека не се сите како него. Не се сите на државна плата, не се сите родени со функција и поврзани со елитата. Народот што секој ден се бори со инфлација, со скапа храна, со растечки трошоци, не може да живее од советите на Славески. На граѓаните им треба реална плата и заштита од кражбата на маркетите“, истакнуваат од СДСМ.
Според оваа партија, отпорот на Славески кон замрзнување на маржите и цените значи едно: поддршка за профитите на трговските ланци, а не за интересите на граѓаните.
„Со вакви изјави, јасно е дека Трајко Славески ќе биде гласноговорник на богатиот слој што живее во паралелна реалност. Македонија не смее да има гувернер кој со презир зборува за оние што живеат од минималец.
Дали Мицкоски ги дели ставовите на Славеси или токму тој го инструира вака да зборува и ги потценува граѓаните? Дали поддржува гувернер кој мисли дека борбата за достоинствен живот е „извртување на значењето“, прашуваат од СДСМ.
Оценуваат дека, тој како претседател на Советот го уништи градот Скопје, сега како Гуверер очигледно ќе ја уништува и моинетарната политика.
„Трајко Славески не е човекот што и треба на Народната банка, а уште помалку на македонскиот народ“.