Многу корисници на "Android" телефони во последно време се соочуваат со проблем на брзо празнење на батеријата, а "Google" за зголемената потрошувачка ја посочи – "Instagram".
Ако забележувате дека батеријата на вашиот "Android" уред се троши побрзо од вообичаено, во право сте – и сега конечно знаеме зошто. "Google" ја идентификуваше апликацијата "Instagram" како можен виновник за забрзаното празнење на батеријата. Компанијата потврди дека поновата верзија на "Instagram" предизвикува прекумерна потрошувачка на енергија на "Android" уредите, но од тогаш е објавено и решение.
Откако корисниците на "Pixel" уредите на "Google" почнаа масовно да се жалат, новинарите на "9to5Google" стапиле во контакт со "Google" и побарале објаснување. Од компанијата ги упатија незадоволните корисници на објава од "Instagram", во која се наведува дека на 28 мај е објавена нова верзија на апликацијата со цел да се реши проблемот со трошењето батерија на "Android" уредите и ги повикаа сите корисници да ја ажурираат апликацијата.
Проблемот не е ограничен само на "Pixel" телефони
Иако проблемот најмногу се истакна кај "Pixel" моделите (од Pixel 6 до Pixel 9), и корисници на други "Android" телефони пријавиле слични искуства. Според нив, "Instagram" во последно време значително повеќе ја троши батеријата во споредба со други апликации во исти временски интервали.
Како илустрација, се наведува случај на корисник чиј "Samsung Galaxy A53" потрошил 12,4% од батеријата за само 54 минути користење на "Instagram", додека "WhatsApp" во истиот период потрошил само 2,4%.