Русија на преговорите за мир во Истанбул побарала Украина целосно да ги повлече своите сили од сите окупирани територии пред да се согласи на прекин на огнот, открива украински висок функционер вклучен во процесот.
Според истиот извор, ова е еден од клучните услови што руските претставници ги изнеле усно, но кои излегуваат надвор од рамката на нацрт-договорот кој минатиот месец беше предложен од САД, по консултации со Москва.
Првите директни разговори по речиси три години завршија без договор за прекин на огнот, а единствениот резултат беше договор за размена на воени заробеници.
Русија, освен повлекување на украинските сили од Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, побарала и меѓународно признавање на анектираниот Крим, како и на останатите четири региони како дел од руската територија. Во американскиот предлог, ваквото барање е делумно разгледано – со „де јуре“ признавање на Крим и „де факто“ признавање на руската контрола во делови од останатите региони.
Како трет услов, Москва инсистира сите страни да се откажат од барањата за воена отштета, додека САД, според украинските власти, продолжуваат да поддржуваат компензација за Украина.
„Оваа преговарачка позиција покажува дека Русија нема сериозна намера да постигне мир“, изјави украинскиот функционер, оценувајќи дека Москва ја користи дипломатската платформа за одолговлекување.
Украина и нејзините европски сојузници веќе подготвиле алтернативен предлог, според кој најпрво би се воспоставил прекин на огнот, а потоа би се отвориле разговори за политички и територијални прашања во подоцнежна фаза.
Во меѓувреме, Киев и европските лидери бараат американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нов бран санкции против Русија поради, како што велат, намерната опструкција на мировниот процес.