Вреди: Ахмети не може да се спаси ни со нови зделки

Макфакс

17/05/2025

09:32

260

Големина на фонт

а а а

Коалицијата Вреди жестоко го нападна ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети, обвинувајќи ги за политички манипулации, корупција и обид за спас преку нови задкулисни зделки. Според Вреди, „времето на Ахмети е завршено, а Албанците веќе не се подготвени да се залажуваат со празни ветувања и темни сценарија“.

Во нивното денешно соопштение, Вреди посочува дека ДУИ се обидува да се одржи на власт по секоја цена, дури и користејќи ги како алатка поединци кои, според нив, го напуштиле патот на промените.

„Ова е уште еден обид на ДУИ да создаде димна завеса и да го одвлече вниманието од сопствениот политички пад. Арбен Таравари денес е дел од таа мизерна шема. Тој не е креатор, туку само алатка на една очајна политика“, велат од Коалицијата Вреди.

Од таму велат дека ДУИ две децении ги држи Албанците како заложници преку „црни листи, уцени и манипулации“, додека политичката моќ на Ахмети била изградена врз страв и закани.

„Албанците веќе препознаваат кој им ја украде надежта и кој патриотизмот го претвори во алиби за корупција. Вреди е тука за да гарантира дека времето на неказнивост ќе заврши. Промената е во тек и нема враќање назад“, велат од коалицијата.

Коалицијата ги повика сите разочарани членови и симпатизери на Алијансата за Албанците да им се придружат во „борбата за достоинство, правда и чесно претставување“.