Трамп за преговорите во Истанбул: Ги оставам сите опции отворени до последен момент

Академик.мк

14/05/2025

21:01

215

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги остава отворени сите опции до последен момент кога станува збор за тоа дали ќе отпатува на евентуалната средба утре меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски во Истанбул.

Трамп денеска, на маргините на своето патување во Заливот, рече дека Путин би сакал тој да биде таму и дека тоа е можно.

„Не знам дали ќе се појави“, рече американскиот претседател за Путин.

„Знам дека би сакал да бидам таму. И тоа е можност… Размислив за тоа. Сите сме резервирани, го разбирате тоа“.

Тој рече дека државниот секретар Марко Рубио дефинитивно ќе биде во Турција, а Белата куќа соопшти дека ќе му се придружат специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог.

Преговорите за можен крај на војната во Украина се закажани за утре во Турција. Но шпекулациите за тоа кој ќе седне на маса траат со денови. Кремљ се уште не објави кој ќе ја претставува Русија во Истанбул. Путин лично ја предложи средбата, но не кажа дали ќе присуствува на неа.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно потврди дека руската делегација утре дефинитивно ќе престојува во Турција.

„Составот на делегацијата ќе го соопштиме кога ќе добиеме соодветни инструкции од претседателот. Досега немало такви инструкции“, рече Песков на прес-конференцијата.

Потпретседателот на руската Дума најави дека вечерва ќе биде соопштен составот на делегацијата на Москва за утрешните мировни преговори со Украина во Истанбул.

Зеленски, пак, рече дека сака да го види Путин во Турција, бидејќи тој е единствениот кој одлучува за војна и мир во Русија.