После една година од изборите и речиси цела година од мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучокот за меѓународната политика и дипломатијата е поразителен: Ниту едно предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето. Ова го изјави Фатон Бејта од Комисијата за надворешни работи на СДСМ.
„Ветуваа променета и подобра преговарачка рамка за членство во ЕУ, ветуваа подобра меѓународна позиција на Македонија, ветуваа силна надворешна политика и нови меѓународни успеси. Реалноста е сосема спротивна: Македонија има полоша меѓународна позиција, нема подобра преговарачка рамка, закочен е европскиот пат а нема ниту еден меѓународен успех. Наместо подобра позиција за преговори со ЕУ, добивме целосно замрзнување на процесот и блокада на европската агенда“, рече Бјета.
Според него, за време на мандатот на СДСМ, Македонија напредувала во европската интеграција, а денес е зад Албанија, зад Црна Гора, зад сите. Молдавија, рече тој, го завзема местото на Македонија на патот кон ЕУ, ние остануваме назад, заглавени во неизвесност.
Рече и дека посетите на премиерот Мицкоски во САД се сведоа на фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени – без конкретен бенефит за државата.
Го критикуваше и министерот Тимчо Муцунски, дека за една година не покажал никаков резултат, а единстевниот потег што го направил е партиско-политички чистки во дипломатијата, незаконско отповикување на амбасадори, замена на професионалци со партиски кадри. Сето тоа, според СДСМ, кулминира со обидот за противуставно менување на Законот за надворешни работи, со цел Владата да го преземе и последниот збор во дипломатијата, исклучувајќи го Претседателот на државата.
Се додава и дека Македонија нема амбасадори во клучни европски држави: Франција, Италија, Данска, Белгија, Романија, Унгарија, Естонија. Нема амбасадори во НАТО, Женева, Њујорк. Воедно Владата нема назначено ниту Генерални конзули во важни конзулати како Солун, Мелбурн, Њујорк, Детроит, Торонто. Дури и во Кралството Данска, држава што од 1 јули ќе претседава со ЕУ – Македонија нема предложено амбасадор.
Дипломатско-конзуларните претставништва се речиси нефункционални, а дипломатите сами, без поддршка, се борат да ја претставуваат државата, беше додадено на прес-конференцијата.