ЕУ: Не ги сакаме руските енергенси дури ни кога ќе биде потпишан мировниот договор

Макфакс

13/05/2025

12:48

137

Големина на фонт

а а а

Европската унија нема намера да го оживее увозот на руски енергетски производи дури и по потенцијалниот мировен договор меѓу Украина и Русија, изјави европскиот комесар за енергетика Ден Јоргенсен пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ во Варшава.

„Повеќе нема да дозволиме енергијата да се користи како оружје против нас. Нема индиректно да ги полниме воените каси на Путин. Донесовме одлука да го прекинеме увозот на руска енергија“, рече Јоргенсен, нагласувајќи дека ова е клучно за безбедноста на Европа и солидарноста со Украина.

Тој нагласи дека одлуката на ЕУ не зависи од тековните меѓународни преговори за прекин на војната во Украина и дека ќе остане на сила дури и по воспоставувањето мир, пренесува Ројтерс.

„Ова е многу јасен сигнал. Не сакаме руска енергија сега, ниту ќе ја сакаме во иднина“, додаде европскиот комесар.

На 6 мај, Европската комисија презентираше „патна карта“ за постепено укинување на зависноста од руските енергетски извори.

Планот вклучува правни механизми за раскинување на долгорочните договори со руските добавувачи и предвидува целосно прекинување на увозот на руски гас до 2027 година.