[ВИДЕО] СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот за Кочани: Нема закон што ќе ја избрише тагата, но да покажеме дека сме тука за семејствата

Макфакс

11/05/2025

13:15

860

Големина на фонт

а а а

Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја повика партијата ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот за Кочани. Од СДСМ велат дека како луѓе и како општество сите имаме обврска да покажеме дека сме тука кога е најтешко за семејствата кои изгубија сѐ,

„Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани што го поднесовме е чин на солидарност, човечност и грижа. Законот содржи вистински решенија за помош и поддршка, не за политички поени. Искрена е намерата да помогнеме – на оние кои останаа без најблиските, на оние кои се повредени, на оние кои денес се борат и со физичка и со душевна болка“, велат од СДСМ.

Законот предвидува директна финансиска поддршка за семејствата на настраданите, помош за повредените, вклучително и оние со долгорочни последици, поволности за децата кои поради лекување се отсутни од настава, и мерки за здравствена, социјална и заштита во делот на работните односи.

Законот ги опфаќа и семејствата од претходни тешки трагедии – Тетово, Ласкарци, Беса Транс, а со цел институционално да се постави фер, човечки однос на грижа за жртвите и нивните семејства.

„Нема закон што ќе ја избрише тагата. Но, со израз на солидарноста и грижата мора да покажеме дека државата не ги игнорира, туку знае да застане зад своите граѓани кога им е најтешко. Дека институциите знаат да бидат со своите граѓани – не со зборови, туку со дела. За трагедијата во Кочани мора да има правда, одговорност, но и институционална, државна поддршка на сите на коишто им е потребна и неопходна. Во СДСМ веруваме дека кога станува збор за солидарноста и за човечката грижа, не смее да има партиски разлики, ниту политички поделби. Затоа, уште еднаш ги повикуваме пратениците од владејачката партија: да го преиспитаат својот став, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за ова законско решение“, велат од СДСМ и кажуваат дека се подготвени да прифатат и предлози за модификација на законското решение од владејачкото мнозинство.