Постојат тјунери за кои ништо не е свето и кои се подготвени на сè — дури и на најекстремни модификации.
"Porsche 911" сам по себе е исклучителен автомобил, еден од најпрепознатливите суперавтомобили кој со децении ги фасцинира ентузијастите ширум светот. И тоа го прави без потреба од екстремни визуелни интервенции.
Но, ако го испратите 911 кај "Mansory", ќе ви се врати како нешто сосема друго. Иако веќе сме навикнати на нивните драстични визуелни трансформации, "Mansory" секогаш знае повторно да изненади. Очигледно има клиенти што бараат токму вакви модификации — без да прашаат колку чини.
Од 0 до 100 km/h за 2,5 секунди
Во конкретниот случај, "Porsche 911 Turbo S Cabriolet" е трансформиран во "P9LM Evo 900 Cabriolet" — креација каква што "Porsche" никогаш не би направил, без разлика на цената. Визуелната трансформација вклучува обилно користење на карбон, масивни 22-инчни фелни и бројни нови каросериски детали.
Под ова „украсено“ тело сè уште се крие 3.8-литарски шестцилиндарски мотор, но сега детално модифициран. Опремен со нови турбини, моторот испорачува 900 коњски сили и 1050 Nm вртежен момент — доволно за да забрза до 100 km/h за само 2,5 секунди и да достигне максимална брзина од 340 km/h.
Без дилеми, иако изгледа несекојдневно, овој автомобил е сериозен тркач.