Калас: Не знам зошто Трамп го обвини Зеленски за војната во Украина

Макфакс

16/04/2025

20:05

876

Големина на фонт

а а а

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес изјави дека не знае зошто американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот лидер Володимир Зеленски, меѓу другите, за војната во Украина.

Во неделата, Трамп го обвини Зеленски, како и рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот американски претседател Џозеф Бајден, дека се одговорни за војната во Украина.

„Не знам зошто го кажува тоа. Сè имате документирано. Русија ја започна оваа војна на 24 февруари 2022 година, тоа е војна од големи размери. Во 2014 година, тие го анектираа Крим“, изјави Калас за италијанската „Република“.

Таа се осврна на рускиот напад врз украинскиот град Суми од минатата недела, во кој загинаа најмалку 35 лица, велејќи дека тоа е доказ дека Путин „не сака мир“.

„За жал, така е. За мир се потребни две страни. Само една е доволна за војна. Пред 34 дена, Украина прифати безусловно примирје. Значи, 34 дена, Русија бомбардираше, таргетирајќи цивили. Деца, луѓе што одеа во црква. Ова јасно покажува дека тие сакаат само безусловно предавање на Украина“, истакна Калас.

На прашањето дали Трамп бил премногу оптимист кога рекол дека може да ја заврши војната во Украина за еден ден, Калас вели дека можел брзо да ја заврши војната „со притисок врз Русија“.

„Наместо тоа, притисокот е врз Украина. Сè уште не сме виделе силен притисок врз Русија. Разбирам дека на почетокот сите мора да го спасат образот, но Русија можеше да покаже малку добра волја, на пример, со враќање на илјадници депортирани деца, ослободување на воени заробеници или нешто друго. И наместо тоа – ништо“, рече Калас, пренесува Танјуг.