Здравјето на папата Франциско се подобрува, со забележителни подобрувања во неговите моторни, респираторни и гласовни функции, соопшти прес-службата на Ватикан.
Папата, кој ја напушти римската болница Гемели на 23 март, каде што се лекуваше од пневмонија, наводно ги продолжува своите работни активности и средби со претставници на Светата столица, а подготвил и напишал медитации кои ќе бидат прочитани за време на богослужбата на Велики петок во пресрет на Велигден.
Прес-службата објави и дека папата сега поретко прима кислородна терапија, која во моментов е сè поограничена, додека тој продолжува со физиотерапијата, пренесува „Ватикан Њуз“.
Објавен е и планот за прослави и миси за време на Страсната недела, но се уште не се знае дали на нив ќе присуствува и поглаварот на Римокатоличката црква.
Папата Франциско периодот од 14 февруари до 23 март го помина во болница, во кој се лекуваше од билатерална пневмонија.