Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, објавува значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство.
Во оваа насока, Божиновска оствари средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка. Ангела е електроинженер со магистерски студии по електроенергетика (M. Sc) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии. Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло.
На средбата, Божиновска и Попова разменија идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.
Оваа средба претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.
„Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија“, истакна Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е цврсто посветено, како што стоив во соопштението на градење на оваа мрежа и отворање канали за комуникација и соработка со нашите професионалци надвор од земјата. Оваа платформа, оценуваат од таму, ќе придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.
Ги повикуваат сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со министерството и да станат дел од оваа мрежа.