Црвен кармин? Заборавете. Индивидуалност? Забранета. Забава? Под надзор. Поранешната девојка на Хју Хефнер и ѕвезда на реалното шоу The Girls Next Door, Холи Медисон, открива уште една темна страна на животот во легендарната Плејбој вила – свет кој изгледаше гламурозен однадвор, но бил полн со строго контролирани правила и емоционален притисок.
Во неодамнешното интервју за подкастот Ahead of the Curve, 45-годишната Медисон проговори за бизарната регулатива која важела за сите „зајачици“ – почнувајќи од козметика, па сè до фризури. Едно правило особено ѝ се врежало во паметење: строга забрана за носење црвен кармин.
„Мислам дека тоа беше форма на контрола“, вели Холи. „Кога бев нова, излегував со црвен кармин и тој ништо не рече. Но подоцна, кога станав негова 'главна девојка' и се преселив во неговата соба, почна да ми вика за такви работи. Се чувствуваше доволно моќен да ме коригира.“
Хефнер, според неа, имал јасна визија: зајачицата мора да изгледа младешко, наивно и „невино“ – црвениот кармин, според него, бил „прикладен само за постари жени“.
Притисокот да се вклопи бил огромен. „Се обидував да изгледам како сите други. Еднаш си ја отсеков косата, само за да се разликувам барем малку... а тој полуде.“ Холи отворено признава дека била на раб на пукање, чувствувајќи се изгубено во свет кој не дозволувал индивидуалност.
Таа не е единствената која го опишала животот во вилата како емоционално исцрпувачки. Кристал Харис, последната сопруга на Хефнер, ја нарече нивната врска „ладна и роботска“, а уште една од познатите поранешни зајачици, Кендра Вилкинсон, отворено зборуваше за траумите што ги понела со себе.
„И денес се борам со моите врски“, признава Кендра. „Дури и терапевтите ми велат дека имам нездрави ставови кон с**сот. Не сакам брак. Сакам забава, но не знам што е нормално после сè.“
Зад волшебниот фасаден свет на сјај и еротика, вилата на Плејбој се покажува како место со свои мрачни ќошиња – каде што правото на избор, слободата и сопствениот изглед биле само илузија.
И додека јавноста уште ја идеализира ерата на Плејбој, нејзините најпознати „зајачици“ сè погласно зборуваат: животот зад портите бил далеку од бајка.