Царините на Трамп ја приближуваат Швајцарија до Европската унија

Точка

11/04/2025

20:30

3.606

Големина на фонт

а а а

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе повисоки царини за Швајцарија отколку за повеќето европски земји, предизвика шок во оваа извозно ориентирана земја, приближувајќи ја до Европската унија додека се обидува да ги ублажи последиците од оваа одлука.

Иако во среда привремено ги намали царините, што донесе одредено олеснување за застапниците за поцврсти врски со ЕУ, оваа ситуација дополнително ја потврди нивната позиција – дека во еден сè понепредвидлив свет, Швајцарија мора да ја зајакне соработката со своите европски соседи.


По воведувањето на царините, швајцарската министерка за финансии Карин Келер-Сатер разговарала со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и се договориле да останат во близок контакт за понатамошните чекори.

Инаку денес, Келер-Сатер станала првата швајцарска министерка за финансии која учествувала на редовен состанок на министрите за финансии на ЕУ (ECOFIN), пренесе Ројтерс.

Непредвидлив свет

Минатата недела Трамп воведе царини од 20 отсто за ЕУ, истовремено оптоварувајќи ја Швајцарија со стапка од 31 отсто, а двете подрачја сега очекуваат царини од 10 отсто.

Иако поканата на Келер-Сатер за состанокот во Варшава дојде пред реизборот на Трамп, нејзиното учество доаѓа во време кога Швајцарија ја интензивира соработката со ЕУ во клучните стратешки области, како одговор на глобалните нестабилности како што се војната во Украина и зголемениот американски протекционизам.


Заменик-директорот на индустриското здружение „Swissmem“, Жан-Филип Кол, рекол дека шокантните пресвртници во американската политика дополнително ја нагласиле итноста за склучување нов договор со Брисел што ќе ги зајакне идните односи со ЕУ, најголемиот швајцарски пазар.

„Можеби сега уште некои граѓани ќе разберат дека мораме барем да бидеме во добри односи со ЕУ и дека не можеме да си дозволиме влошување на односите со Кина, особено ако САД се повлечат“, потенцирал тој.

Сепак, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваат големите економии како Германија, Швајцарија ќе мора да го прошири својот деловен опсег и надвор од Европа, додал Кол, истакнувајќи го потенцијалот на Индија и Југоисточна Азија.

Нов светски поредок

Договорот со ЕУ се соочува со тежок процес на ратификација во Швајцарија, каде што критичарите го сметаат за бирократски товар и закана за националниот суверенитет.

Пратеничката од Социјалдемократската партија (SP), Франциска Рот, рече дека дури иако парламентот го одобри договорот, тој тешко ќе помине на референдум – освен ако не обезбеди клучни стандарди како што се заштитата на правата на работниците и повисоки плати.


Сепак, таа посочила дека неодамнешната парламентарна резолуција – која, со широка меѓупартиска поддршка, ја повикала владата да преземе посилна безбедносна улога во Европа и да ја истражува соработката со ЕУ за безбедносни прашања – е показател дека денес повеќето политички актери веруваат дека иднината на Швајцарија е сигурна само во партнерство со ЕУ.

Од друга страна, најголемата партија во земјата, десничарската Швајцарска народна партија (SVP), останува силно против блиската соработка со Унијата. Но, и таа е незадоволна од американските царини, кои долгогодишниот лидер на SVP, Кристоф Блохер, ги нарекол „апсурдни“.

Поранешниот швајцарски амбасадор Даниел Вокер нагласил дека во време кога старите безбедносни системи пропаѓаат, поврзувањето со Европа е од клучно значење.

„Трамп го уништува постоечкиот светски поредок и сака нешто сосема поинакво – не само во трговијата. Тоа може само да ѝ наштети на Швајцарија, која несомнено има голема корист од сегашниот глобален систем“, нагласил Вокер.