Жена родила туѓо дете поради грешка на клиника за вештачко оплодување

Макфакс

10/04/2025

19:45

1.900

Големина на фонт

а а а

„Монаш ИВФ“, клиника што работи низ цела Австралија, се извини откако пациентка во една од нивните клиники во Бризбејн примила погрешен ембрион, што значи дека родила дете од друга жена.

Грешката била откриена во февруари, кога родителите што го добиле детето побарале нивните преостанати ембриони да бидат префрлени во друг центар за вештачко оплодување, пренесува „Гардијан“.

„Наместо очекуваниот број ембриони, беше пронајден уште еден ембрион во складиштето на биолошките родители“, соопшти компанијата.

„Монаш ИВФ“ соопшти дека истрагата потврдила оти ембрион од друга пациентка бил по грешка одмрзнат и вграден кај парот.

Грешката се должи на човечки фактор.

Родителите биле известени во рок од една недела од откривањето на инцидентот.

Главниот извршен директор на „Монаш ИВФ“, Мајкл Кнап, се извини за настанот и истакна дека компанијата ќе продолжи да ги поддржува засегнатите пациенти.

„Сите ние во „Монаш ИВФ“ сме потресени и се извинуваме на сите вклучени“, рече тој.

„Преземавме дополнителни проверки и уверени сме дека ова е изолиран инцидент.“

Компанијата ангажирала и високиот правен советник од Викторија, Фиона Меклеод, за да спроведе независна истрага и се обврза да ги спроведе сите нејзини препораки. Инцидентот бил пријавен и до Комитетот за акредитација на репродуктивна технологија и до регулаторот за асистирана репродукција во Квинсленд.

„Монаш ИВФ“ во август постигна спогодба од 56 милиони австралиски долари со повеќе од 700 поранешни пациенти, откако наводно уништиле ембриони поради неисправен генетски скрининг.

Тужбата тврдеше дека околу 35 отсто од ембрионите што биле означени како абнормални преку погрешното тестирање, всушност биле нормални.

Групацијата „Монаш ИВФ“ потврди дека постигнала спогодба преку медијација, но не призна вина.