САД со тарифи директно ги погодија гласачите на Трамп! Уредникот на Економист: Кина е подготвена за удар, но има многу поголем проблем

Точка

10/04/2025

19:30

3.924

Големина на фонт

а а а

Трговската војна меѓу Кина и САД дополнително се заостри откако Пекинг возврати со нова царина од 84%, на што американскиот претседател Доналд Трамп одговори со зголемување на царините од 104% на дури 125%.

Ова доаѓа непосредно по одлуката на Трамп да ги суспендира царините за сите земји погодени од американските давачки — со исклучок на Кина — за период од 90 дена, што првично донесе некое смирување на финансиските пазари.

Економист: Пекинг планира внимателно

Во интервју за BBC, Дејвид Рени, уредник за геополитика во списанието The Economist, изјави дека Кина внимателно го испланирала својот одговор на трговските напади од страна на Трамп.


„Кина сака да планира. Таа сака петгодишни планови. Многу ѝ е тешко да се справи со претседател како Трамп, кој размислува само низ призма на трансакции и моментални победи“, рече Рени, додавајќи дека Пекинг подготвувал и краткорочни и долгорочни стратегии за справување со Америка.

Кинеските мерки таргетираат гласачи на Трамп

Според Рени, кинеската стратегија директно влијае врз гласачката база на Трамп, особено на Средниот Запад во САД, каде што земјоделците масовно одгледуваат соја. Пекинг, пак, може да ја замени оваа суровина со увоз од Бразил или Аргентина.


„Во Пекинг размислуваат вака: ‘Што можеме да направиме што ќе ги погоди гласачите на Трамп, ќе го натера него да обрне внимание, а ние истовремено ќе можеме да го набавиме од друго место’“, објаснува Рени.

Големиот кинески предизвик: каде со стоката?

И покрај контрамерките, Рени предупредува дека Кина се соочува со голем проблем — извозот. Минатата година, Кина извезе стоки во вредност од 440 милијарди долари во САД, што е трипати повеќе од американскиот извоз кон Кина.


„Прашањето каде ќе се пласираат тие стоки сега е огромна дипломатска и геополитичка главоболка за кинеското раководство“, нагласува тој.


Потенцијални тензии со Европа и Глобалниот југ

Ако САД останат затворени за кинеските производи, тие ќе мора да се насочат кон други пазари. Но, тоа не е без ризици.


„Во Пекинг ми рекоа дека се многу загрижени оти таков потег може да ги наруши односите со Европа, Латинска Америка и други земји на Глобалниот југ“, објаснува Рени.


„Ако огромен бран на кинески производи ги преплави тие пазари, тоа може негативно да влијае врз вработеноста и индустријата таму. Тоа е голем дипломатски ризик за Кина“, заклучува тој.