Двајца браќа се осомничените за убиството во Луке, кривопаланечко.
Тие се на возраст од 20 и 25 години, а убиениот е нивен соселанец.
Обвинителството за деталите од истрагата соопшти дека ноќта меѓу 24 и 25 март двајцата се договориле да извршат кражба во домот на жртвата. Помладиот брат го разбудил оштетениот и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија.
Во дворот го удрил со мотика по главата, па двајцата заедно го влечеле и му нанеле уште неколку удари со предмет.
„Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6.000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења“, велат од Обвинителството.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Куманово одреди мерка притвор за двајцата осомничени, кои до целосното расчистување на настанот беа обезбедени со мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа.